Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, синоќа изјави дека ќе се сретне со претседателот на Русија, Владимир Путин, дури и ако рускиот претседател не се сретне со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
На прашањето на новинар дали Путин ќе мора да се сретне со Зеленски за да обезбеди средба со него, Трамп одговори дека не мора, пренесува АП.
Путин во четврток изјави дека се надева дека ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп следната недела, евентуално во Обединетите Арапски Емирати, иако функционер на Белата куќа го доведе во прашање одржувањето на самитот ако рускиот претседател не се согласи и на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Изјавата на Путин дојде пред рокот поставен од Белата куќа, до кој Москва треба да покаже напредок кон завршување на тригодишната војна во Украина или ќе се соочи со дополнителни санкции, наведува агенцијата.
Сè уште се очекува САД да воведат санкции против Русија во петок, изјави претходно вчера функционер на Белата куќа, кој не сакаше да биде именуван.
Тој рече дека самитот САД-Русија нема да се одржи ако Путин не се согласи на средба со Зеленски.
Функционерот не прецизираше дали условот е Зеленски да биде присутен на евентуален самит САД-Русија или на некоја идна средба.
Зборувајќи за можни директни разговори со Зеленски, Путин рече дека неколку пати споменал дека не е против тоа и дека постои таква можност, но дека е потребно да се создадат одредени услови за тоа да се случи.
Кремљ претходно објави дека Путин и Зеленски треба да се сретнат само кога ќе се постигне договор меѓу нивните делегации.