Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан ќе потпишат мировен договор во Белата куќа.
Во објавата на својот профил на платформата Вистина (Truth Social), американскиот претседател Трамп наведе дека денес ќе им биде домаќин на Алиев и Пашинјан во Белата куќа.
„Со нетрпение очекувам во петок да им бидам домаќин на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан во Белата куќа на историски мировен самит. Претседателот Алиев и премиерот Пашинјан ќе учествуваат на официјалната церемонија на потпишување на мировниот договор во Белата куќа.“
Истакнувајќи дека двете земји се во војна со години и дека неговата администрација работи со месеци за да го заврши овој конфликт, Трамп во објавата тврди дека „тој ја запрел војната.“
„Горд сум на овие храбри лидери што го прават она што е правилно за големите народи на Ерменија и Азербејџан. Ова ќе биде историски ден за Ерменија, Азербејџан, САД и светот“, коментираше Трамп и додаде дека со двете земји ќе бидат потпишани одделни економски договори.
Односите меѓу двете поранешни советски републики се затегнати од 1991 година, кога ерменската армија го окупираше Карабах, територија што е меѓународно призната како дел од Азербејџан и седум соседни региони.
Поголемиот дел од територијата беше ослободен од Азербејџан за време на 44-дневната војна во есента 2020 година, која заврши со мировен договор со посредство на Русија, што го отвори патот за нормализација на односите и преговори за демаркација на границата.
Во септември 2023 година, Азербејџан воспостави целосен суверенитет над Карабах откако сепаратистичките сили во регионот се предадоа.
Во март оваа година, двете земји објавија дека постигнале договор за сите 17 членови од мировниот договор, иако тој сè уште не е потпишан.