Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека 30 земји работат на рамка за безбедносни гаранции за Украина, нагласувајќи дека САД сега се подготвени да се приклучат на иницијативата.
По разговорите во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и неколку европски лидери, Руте ги опиша дискусиите како „многу успешни“ и рече дека земјите се фокусирани на безбедносни гаранции што би можеле да стапат на сила по прекин на огнот или, по можност, по целосен мировен договор меѓу Русија и Украина.
„Значи, во текот на последните неколку месеци, под водство на Кир Стармер, британскиот премиер, и Емануел Макрон, францускиот претседател, група од сега 30 земји, вклучувајќи ги Јапонија и Австралија, работат на овој концепт на безбедносни гаранции“, рече тој.
„Она што САД сега го кажаа е дека сакаат да се вклучат во оваа иницијатива. Што точно се подразбира под вклучување на САД ќе биде дискутирано во наредните денови“, дополни ген-секот на НАТО,
Според Руте, Трамп телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, што резултирало со договор за одржување средба меѓу Путин и Зеленски пред наредниот самит.
„Тој успеа, во разговор со претседателот Путин, да го натера прво да се согласи на состанок меѓу него и Зеленски. Па сега ќе разговараат каде би се одржал тој состанок“, рече Руте.
На прашањето дали се разгледани територијалните отстапки од страна на Украина, Руте рече дека прашањето не е дискутирано во Вашингтон.
Тој исто така нагласи дека членството на Украина во НАТО не е дел од тековните разговори.
„Официјалната позиција на НАТО од самитот во 2024 година е дека постои неповратен пат за Украина во НАТО“, рече тој. „Но, она што го дискутираме овде не е членство во НАТО. Она што го дискутираме овде се безбедносни гаранции за Украина од типот на Член 5.“
Забелешките на Руте дојдоа откако Трамп ги угости него, Зеленски и неколку европски лидери во Белата куќа за да разговараат за следните чекори во дипломатските напори за ставање крај на конфликтот.
Меѓу лидерите што присуствуваа на разговорите во понеделник беа британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, италијанската премиерка Џорџија Мелони и финскиот претседател Александар Стаб.