Саат-кулата е една од најзнаменитите и препознатливи градби во градот Гостивар.
Таа е еден од трите културно-историски споменици во Гостивар и се наоѓа и на општинските грб и знаме. Ерсин Дико, доктор по историја на уметност во разговор за ТРТ Балкан вели дека различни извори истакнуваат различни податоци кога кулата е изградена.
Сепак, некои од нив велат дека е изградена во 1740-тите години, а другите дека е (изградена) во 17 век.
„Над влезот се наоѓа плоча со натпис напишан на османлиско писмо таму пишува дека Саат-кулата е поправена во средина на 19 век од страна на Исмаил ага“, појаснува Дико.
Гостиварската Саат-кула е вредно историско и културно наследство со автентична архитектура и објект кој претставува симбол на градот.
„Ако погледнеме Старата саат кула тогаш можеме да кажеме дека Саат кулата е во два дела, горниот и долниот дел. Покривниот дел бил со дрвена конструкција, над него било сместено и ѕвоното кое тогаш го покажувало времето“, појаснува Дико.
Сместена е во центарот на градот, веднаш до зачуваната Саат-џамија на границата со медресето и гробиштата. Кулата е со висина од нешто повеќе од 23 метри.
Изградена е од кршен камен и варов малтер, додека покривот е дрвен. Заоблените агли се покриени со два триаголни покриви. Југозападно се наоѓа влезот кој води кон 5 ката од кој последниот е во конусоидна форма која била специјално изработена за да може да се смести ѕвоното.
Саат-Кулата имала дел со дрвена конструкција која била уништена за време на Првата Светска Војна за да во 1986 година подлегне на санација и реставрација и го добие современиот изглед кој го има задржано до денес.
Кулата продолжува да биде нем сведок на настаните и историјата на ова поднебје.