Поминаа 33 години од кога со проектили испукани од агресорските позиции на српските сили беше запалена сараевската Вијeќница (зграда на Советот на Град Сараево) и беа уништени два милиона книги.
Градската вијeќница, како еден од најубавите и најрепрезентативни објекти од австроунгарскиот период во Босна и Херцеговина, беше запалена во ноќта меѓу 25 и 26 август 1992 година, за време на опсадата на Сараево.
По војната 1992–1995 година, беше обновена и повторно отворена во 2014 година.
Сараевската Вијeќница е отворена на 20 април 1896 година и до денес претставува еден од најубавите објекти изградени во време на австро-унгарската владејачка управа, во псеудомаурски стил.
Првично служела како зграда на тогашната градска управа и администрација на Сараево. По Втората светска војна, сè до 1949 година, била користена од градската управа, како зграда на Окружниот суд во Сараево и седиште на Босанскохерцеговечкиот сабор. Потоа станува Градска библиотека, односно Национална и универзитетска библиотека на Босна и Херцеговина.
За време на опсадата на Сараево од 1992 до 1995 година, Вијeќницата повеќепати беше гранатирана.
Во ноќта меѓу 25 и 26 август 1992 година, беше запалена поради напад од агресорските позиции околу опколеното Сараево, а во пожарот изгоре Каталогот на Националната и универзитетска библиотека на Босна и Херцеговина, околу 90 проценти од книжниот фонд и документите што сведочеа за историјата на Босна и Херцеговина. Се проценува дека огнената стихија уништила околу два милиона книги, кои зборувале за историјата на земјата и претставувале национално богатство.
Во таа ноќ, бројни граѓани на Сараево заедно со тогашните вработени се обидуваа да спасат дел од книгите од пожарот, додека беа изложени на постојан снайперски оган од позициите на тогашната Војска на Република Српска од околните ридови.
Благодарение на силата на разбирањето и солидарноста на пријателите и партнерите, Вијeќницата беше обновена и свечено отворена на 9 мај 2014 година, на Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот.
Сите делови на Виeќницата беа реконструирани врз основа на документи и фотографии од старата Вијeќница пронајдени во Каптолскиот архив во Загреб, па така во просторијата на Градскиот совет денес стојат дрвени клупи и говорница, а сите орнаменти на ѕидовите и таванот се автентични и рачно осликани.
Многу детали во објектот се специфични. Рабовите на ѕидовите во златна боја всушност се навистина од злато. Работени со посебна техника, премачкувани се со златни ливчиња потопени во боја, нанесувани со посебна четка од камилска влакна.
Сместена недалеку од Башчаршија, на Мустај-пашиниот мајдан, Вијeќницата, иако е целосно обновена, и денес зрачи со духот на периодот во кој е изградена.
Во неа денес се чуваат книги и ракописи од исклучителна вредност и реткости, а истовремено претставува мултимедијален центар на културата, уметноста и стопанството на Градот Сараево и државата Босна и Херцеговина, каде што се одржуваат концерти, книжевни вечери, изложби, презентации, конференции, конгреси, симпозиуми, приеми, одбележувања на годишнини и венчавки.
Комисијата за зачувување на националните споменици на Босна и Херцеговина во 2006 година ја прогласи Вијeќницата за национален споменик на Босна и Херцеговина.