Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека рускиот претседател Владимир Путин го поканил украинскиот претседател Володимир Зеленски во Москва на разговори, а не да прифати капитулација.
„Зеленски беше поканет во Москва да разговара, а не да капитулира“, изјави Песков пред новинарите на маргините на Источниот економски форум, објави РИА Новости.
Тој нагласи дека Зеленски ја отфрлил поканата на рускиот претседател да дојде во Русија.
„Ова беше предлог на Путин. И видовме дека Зеленски го отфрли преку својот министер за надворешни работи“, рече портпаролот на Кремљ.
Тој изјави дека Русија го смета најавеното присуство на странски трупи во Украина, вклучително и на НАТО, за закана.
„Тие зборуваат за гаранции за безбедноста на Украина преку распоредување на европски сили... Потоа ќе се вратиме на причините за конфликтот. Главната причина за конфликтот беше обидот на НАТО да навлезе во Украина, што ја стави нашата земја во опасност. Значи, ние го препознаваме ова како закана за себе - присуството на меѓународни сили, или какви било странски сили, или сили на земјите од НАТО на украинска почва, на нашата граница“, рече Песков.
Тој додаде дека севернокорејската армија не е распоредена на територијата на Украина, туку само на територијата на Русија.
Коментирајќи ги извештаите во американските медиуми дека американскиот претседател Доналд Трамп има намера наскоро да разговара со Путин, Песков рече дека сè уште нема планови за евентуален разговор меѓу Путин и Трамп, но дека контактот „може да се организира многу брзо“.
Русија, додаде тој, ќе ја продолжи „специјалната воена операција“ сè додека не се појават можности за политичко и дипломатско решение на конфликтот.