Американскиот претседател Доналд Трамп ги негираше шпекулациите дека има здравствени проблеми, односно дека е дури и мртов, јавува Си-Ен-Ен.
„Немав конференција два дена, а многу луѓе велеа дека нешто мора да не е во ред со мене. Поранешниот претседател Џозеф Бајден не одржуваше конференции со месеци, никогаш не го видовте и никој не рече дека нешто не е во ред со него, а сите знаеме дека не беше во најдобра форма“, рече Трамп.
Трамп, исто така, рече дека не ги видел теориите на заговор што кружеа на интернет во текот на викендот дека е мртов, но дека добивал извештаи за тоа.
Трамп рече дека бил активен за време на продолжениот викенд за Денот на трудот, секој ден одејќи на својот голф терен во Вирџинија, и истакна дека во петокот дал и интервју за Дејли Колер.
Теориите на заговор за здравјето на Трамп почнаа да се шират во текот на викендот, откако Трамп не се појавуваше јавно неколку дена, објави Си-Ен-Ен.
Во некои објави на интернет, откако беа објавени фотографии на кои се гледаат необични модринки на неговите раце, имаше тврдења дека Трамп е сериозно болен или дури веќе е мртов, според американската телевизиска мрежа.