Преговорите меѓу претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и претседателот на Русија, Владимир Путин, може да бидат важни за билатералните односи на тие земји, но одлуките во врска со Украина не можат да се донесат на таа средба, изјави денес украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Што се однесува до преговорите, тие секако се важни на ниво на лидери. Но не е можно да се зборува за Украина без Украина и никој нема да го прифати тоа. Затоа разговорот на претседателот на САД, а ние ги поддржуваме САД, и Путин секако може да биде важен за нивниот билатерален курс, но не можам да прифатам ништо за Украина без нас. Верувам и се надевам дека претседателот на Соединетите Американски Држави го разбира и го сфаќа ова“, рече Зеленски на украинскиот младински форум 2025: Младоста е тука, пренесува Укринформ.
Зеленски нагласи дека ќе се одржи трилатерален состанок на ниво на лидери, но дека датумот сè уште не е утврден.
„Да се застане на вистината, на вашата вистина. Правејќи сè за да се заврши оваа војна. Има работи што ги носите во срцето, има работи што се во Уставот“, нагласи тој.
Претседателот на Украина додаде дека слободата и независноста се работи од кои не смее да се откаже во оваа војна.
Претседателите на САД, Доналд Трамп и рускиот претседател, Владимир Путин, ќе се сретнат, како што е најавено, на 15 август во Анкориџ, Алјаска.