Адвокатите на поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, во своето последно излагање пред Врховниот суд ги негираа обвинувањата за обид за државен удар, кои се однесуваат на неговите наводни обиди да остане на власт по поразот на изборите во 2022 година од сегашниот претседател Луиз Инасио Лула да Силва.
Одбраната тврдеше дека не се презентирани цврсти докази дека Болсонаро дејствувал против демократските институции на Бразил или ги охрабрил другите да го сторат тоа, додавајќи дека фактот дека тој дозволил процесот на претседателска транзиција да се одвива во согласност со правилата, е во спротивност со тврдењата дека се обидел да го попречи.
Поранешниот претседател и другите обвинети мораа да ја презентираат својата одбрана до среда, што е последниот процедурален чекор пред да се завршат судењата, што се очекува до крајот на годината.
Пет судии на Врховниот суд на Бразил ќе одлучат дали Болсонаро е виновен, а доколку биде осуден за обидот за државен удар, Болсонаро би можел да биде осуден на 12 години затвор.
Врховниот суд на Бразил, кој се занимава со прашања поврзани со изборите, веќе му забрани на Болсонаро да се кандидира на избори до 2030 година, откако утврди дека ја злоупотребил својата моќ со тоа што покренал сомнежи за изборната безбедност на Бразил.
Болсонаро е во домашен притвор од 5 август.
Судијата Александар де Мораес, кој го води случајот, рече дека Болсонаро ги прекршил безбедносните мерки со ширење на содржини преку своите три сина, кои се членови на парламентот.
Минатата недела, де Мораес ги ублажи ограничувањата, дозволувајќи неограничени семејни посети.
Болсонаро доби поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп, кој го нарече обвинението „лов на вештерки“ и ја поврза својата одлука за воведување царини од 50 проценти на бразилскиот увоз со правните проблеми на поранешниот претседател.
Во февруари, главниот обвинител на Бразил, Пауло Гонет Бранко, го обвини поранешниот претседател Жаир Болсонаро за обид за државен удар по поразот на изборите во 2022 година.
Поранешен претседател на Бразил, тој е обвинет за надгледување на масовна шема за задржување на власта по поразот на изборите, вклучувајќи еден заговор за поништување на гласањето, распуштање на судовите и зајакнување на војската, како и друг за заговор за атентат врз новоизбраниот претседател Инасио Лула да Силва.
Во обвинението од 272 страници се тврди дека Бразил бил екстремно блиску до враќање во воена диктатура по речиси четири децении.
Болсонаро и уште 33 други, вклучувајќи го поранешниот шеф на разузнавањето, министерот за одбрана и советникот за национална безбедност, се обвинети за серија злосторства против бразилската демократија.