Четиригодишното момче од Илиноис, Зориен Ројс, освои 156 од максималните 160 поени на тестот за интелигенција за деца, резултат кој се смета за генијален и му донесе прием во Менса.
Според неговите родители, само што наполни четири години минатиот месец, Зориен веќе чита на ниво на второодделенец и учи дропки, објави Ен-Би-Си Њуз.
Додека повеќето деца на негова возраст сè уште се обидуваат да го совладаат врзувањето на чевлите, четиригодишниот Зориен Ројс ја совладува уметноста на множење со трицифрени броеви.
Зориен неодамна беше примен во Менса и Интертел, друштва за високо интелигентни, откако постигна 156 од максималните 160 поени на тест за интелигенција за деца.
Неговите родители, Мд Накиб Алам Ансари и Монирупа Анања, во соопштение за медиумите изјавија дека почнале да го забележуваат неговиот напреден развој кога имал само 18 месеци.
„На две години, тој читаше книги и пишуваше зборови како „нилски коњ“ и „алигатор“ и броеше напред и назад до 100. Тогаш сфативме дека неговото патување ќе биде многу поинакво“, рекоа тие.
Тој зборува англиски и бенгалски, но сака да научи повеќе јазици, како што се шпански, француски и хинди, рекоа неговите родители.
Семејството, кое живее во Вернон Хилс, Илиноис, го тестирало Зориен кај психолог, кој рекол дека бил воодушевен од резултатите.
„На само три години, тој беше речиси на максималниот резултат за неговата возрасна група“, рекоа тие, додавајќи дека сфатиле дека мора да го направат следниот чекор и да ги пронајдат вистинските ресурси за да го поддржат.
Родителите на Зориен се обратиле до Менса за да дознаат како најдобро да го поддржат својот син.
Нивната надеж е дека дружењето со врсници на негово ниво ќе му обезбеди стимулација и можности што му се потребни за да напредува.
Менса во средата објави дека го прифатила Зориен во организацијата, која ги слави „брилијантните деца кои нè потсетуваат дека учењето е авантура“.
Менса е најголемото и најстарото друштво во светот за лица со висок коефициент на интелигенција.
Тоа е непрофитна организација отворена за луѓе кои имаат висок резултат на стандардизиран, надгледуван тест за интелигенција или друг одобрен тест за интелигенција. Менса формално се состои од национални групи и чадор организацијата Менса Интерненационал.
Коефициент на интелигенција е вкупен резултат за човековата интелигенција и когнитивна способност, добиен од неколку стандардизирани тестови дизајнирани да ја проценат и измерат.
Статистиката покажува дека само 2 отсто од светската популација имаат доволно висок коефициент на интелигенција да членуваат во Менса.