Синоќа, Европската Унија објави дека израелскиот воздушен напад врз лидерите на Хамас во Доха е кршење на меѓународното право и територијалниот интегритет на Катар и предупреди на ризикот од понатамошна ескалација на насилството во регионот.
„Изразуваме целосна солидарност со властите и народот на Катар, стратешки партнер на ЕУ“, напиша портпаролката на шефицата за европска надворешна политика, Каја Калас, на платформата X.
Таа изјави дека секоја ескалација на војната во Газа мора да се избегне и дека тоа не е во ничиј интерес.
„Ќе продолжиме да ги поддржуваме сите напори за постигнување прекин на огнот во Газа“, нагласи таа.
Нападот на Израел врз Катар го осудија и Туркије, Германија, Велика Британија, Франција и Шпанија.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху има за цел да го продлабочи конфликтот и нестабилноста во регионот.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул во изјава рече дека израелскиот напад врз Доха е неприфатлив.
Британскиот премиер Кир Стармер ги осуди израелските воени напади врз Катар насочени кон лидерите на Хамас, велејќи дека тие носат ризик од понатамошна ескалација во регионот.
Францускиот претседател Емануел Макрон напиша на Платформа X дека нападите се неприфатливи, без оглед на причината, и додаде дека под никакви околности војната не треба да се шири низ целиот регион.
Шпанското Министерство за надворешни работи соопшти дека нападите го нарушуваат територијалниот суверенитет на Катар и претставуваат грубо кршење на меѓународното право, повикувајќи на итен прекин на насилството и враќање на дипломатските преговори.