Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го повтори својот став дека договор со Хамас за делумно примирје и ослободување на заложниците „не е на маса“, објавија денес израелските медиуми.
За време на шестчасовната седница на израелскиот кабинет за безбедност, министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир се заложил за гласање против предлогот за прифаќање на какви било делумни договори, на што Нетанјаху одговорил дека „нема потреба од гласање бидејќи тоа не е на маса“, објавува „Тајмс оф Израел“.
Нетанјаху за време на состанокот изјавил дека претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, го повикал и му рекол дека не прифаќа никакви делумни договори со Хамас и дека наместо тоа да се бори против „таа терористичка група со полна сила“.
„Заборавете на делумните договори. Одете со полна сила и завршете го тоа“, наводно му рекол Трамп на Нетанјаху, според израелскиот весник.
Пред состанокот на кабинетот за безбедност, вестите на Канал 12, цитирајќи неименувани извори, велат дека Трамп врши зголемен притисок врз Нетанјаху што побрзо да го победи Хамас.
Одговарајќи на изјавите на премиерот на Израел, Форумот на семејства на заложници и исчезнати лица изјави дека Нетанјаху ги отфрла делумните рамки за кои претходно се согласил и дека води стратегија која „не е стратегија за преговори, туку стратегија на опструкција“.