Првите Светски спортски игри на хуманоидни роботи се одржуваат овој викенд во Пекинг, каде што околу 500 роботи се натпреваруваат во дисциплини како фудбал, кик-бокс и атлетика, објавија организаторите.
Настанот се одржува главно на Националниот стадион за брзо лизгање, една од главните локации на Зимските олимписки игри 2022.
280 екипи од 16 земји, вклучувајќи ги САД, Јапонија, Германија и Италија, учествуваат во околу 25 спортови.
Целта на настанот е да се промовираат атлетските способности, соработката, интелигенцијата и примената во реални сценарија на хуманоидните роботи, за да можат подобро да им служат на луѓето во иднина, според организаторите.
Роботите со две нозе се натпреваруваат автономно или преку далечинско управување, а замените на учесниците за време на натпреварите не се дозволени.
Во трката од 1.500 метри, некои роботи трчаа толку брзо што на луѓето што ги следеа на патеката им беше тешко да ги следат.
За време на фудбалски натпревар, роботите се судрија додека ја бркаа топката, а еден од нив мораше да го напушти теренот бидејќи не можеше да стане по падот.
На кикбокс натпревар, еден робот падна на колена по силен удар и не можеше да продолжи со натпреварувањето.
Покрај спортските дисциплини, натпреварувањето вклучува и практични задачи како што се сортирање лекови во аптека и послужување на гости во хотел.
Организирањето на ваков настан е дел од пошироката стратегија на Кина за промоција на напредни технологии како што се хуманоидна роботика и вештачка интелигенција, особено во контекст на сè поизразено технолошко ривалство со САД.
Во април оваа година, Пекинг беше домаќин и на полумаратон каде што заедно трчаа хуманоидни роботи и аматерски тркачи
Настанот привлече учесници и гледачи од компаниите за роботика, универзитети, хоби-клубови и ентузијасти за технологија.