Научници од Харвард го открија природното постоење на литиум во мозокот и неговата клучна улога во нормалното функционирање на најважниот дел од нервниот систем, наведувајќи дека неговиот недостаток е една од најраните промени што доведуваат до појава на Алцхајмерова болест.
Научниот труд, кој беше објавен во списанието Нејчр (Nature), покажува дека литиумот го штити мозокот од невродегенерација и ја одржува нормалната функција на сите главни типови мозочни клетки, што укажува дека недостатокот на овој хемиски елемент предизвикува влошување на меморијата.
Наодите, кои се резултат на десетгодишно истражување, се базираат на серија експерименти врз глувци и анализи на ткиво од човечки мозок и примероци од крв од луѓе во различни фази на когнитивно здравје.
Научниците утврдile дека губењето на литиум во човечкиот мозок води до Алцхајмерова болест, додека кај глувците сличен недостаток на литиум ја забрзува патологијата на мозокот и опаѓањето на меморијата.
Тие исто така открија дека намалените нивоа на литиум се предизвикани од врзување за амилоидни наслаги и нарушена апсорпција во мозокот.
Во финалните експерименти, тимот покажа дека новото соединение на литиум, кое не се врзува за амилоидните наслаги, може да ја врати меморијата кај глувците.
Резултатите ги спојуваат децениите клинички набљудувања и нудат нова теорија за болеста, како и стратегија за порано дијагностицирање, превенција и лекување.
Алцхајмеровата болест погодува помеѓу 50 и 400 милиони луѓе ширум светот и вклучува голем број абнормалности во мозокот, како што се наслаги на протеинот амилоид бета, неврофибриларни заплеткувања на протеинот тау и губење на заштитниот протеин РЕСТ (REST). Сепак, овие промени никогаш не ја објаснија целата сложеност на болеста.
Исто така е јасно дека генетските и факторите на животната средина влијаат на ризикот од заболување, но научниците досега не успеаја да објаснат зошто некои луѓе со исти фактори на ризик се разболуваат, а други не.
Авторите на оваа студија истакнуваат дека литиумот може да биде клучниот фактор што недостасува.
„Идејата дека недостатокот на литиум може да биде причина за Алцхајмеровата болест е нова и укажува на различен терапевтски пристап“, рече главниот автор на студијата и професор по генетика и неврологија на Медицинскиот факултет Харвард, Брус Јанкнер.
Студијата дава надеж дека во иднина литиумот би можел да се користи за лекување на болеста како целина, а не само за целна терапија на одредени аспекти како што се амилоид бета или тау протеинот.
Едно од главните откритија на научниците е дека како што амилоид бета почнува да се таложи во раните фази на деменција, тој се врзува за литиумот, намалувајќи ја неговата функција во мозокот.
Пониските нивоа на литиум влијаат на сите главни мозочни клетки и предизвикуваат промени кај глувците што потсетуваат на Алцхајмерова болест, вклучително и губење на меморијата.
Авторите идентификувале група литиумски соединенија кои можат да избегнат врзување за амилоид бета.
Третманот на глувци со најефикасниот од овие соединенија - литиум оротат - ја променил патологијата на Алцхајмеровата болест, спречил оштетување на мозочните клетки и ја вратил меморијата.
Иако овие наоди треба да се потврдат кај луѓето преку клинички студии, тие укажуваат дека мерењето на нивоата на литиум може да помогне во раното откривање на Алцхајмеровата болест.
Тие исто така ја нагласуваат важноста на тестирањето на литиумските соединенија кои избегнуваат врзување за амилоид бета во третманот или превенцијата.
Други литиумски соединенија веќе се користат за лекување на биполарни нарушувања и тешка депресија, но во многу повисоки дози кои можат да бидат токсични, особено кај постарите лица.
Тимот на Јанкнер открил дека литиум оротатот е ефикасен во доза илјада пати помала, при што го имитира природното ниво на литиум во мозокот.
Глувците третирани речиси целиот свој живот не покажале знаци на токсичност.
„Мора да се биде внимателен при екстраполирање на резултатите од моделите на глувци на луѓето и не може да се знае со сигурност сè додека не се направат контролирани клинички испитувања. Но, резултатите досега се многу охрабрувачки“, рече Јанкнер.