Кинескиот претседател Кси Џинпинг денес за време на онлајн самитот на БРИКС повика на зачувување на мултилатералниот трговски систем, како и на отфрлање на сите форми на протекционизам.
Кси, исто така, ги повика земјите-членки на БРИКС да ги искористат своите предности и да ја продлабочат соработката во различни области како што се трговијата, економијата, финансиите и технологијата, објави новинската агенција Ксинхуа.
„Колку повеќе земјите од БРИКС тесно соработуваат, толку повеќе самодоверба и опции имаат, толку поефикасни резултати ќе имаат во справувањето со надворешните ризици и предизвици“, рече Кси.
Тој изрази увереност дека БРИКС ќе го издржи тестот на меѓународните турбуленции и ќе продолжи да се развива стабилно и на долг рок.
„Некои земји постојано водат трговски и царински војни, кои сериозно влијаат на глобалната економија и ги поткопуваат меѓународните трговски правила“, рече Кси.
Бразилскиот лидер Луиз Инасио Лула да Силва, кој го иницираше самитот, рече дека царините што ги наметна американскиот претседател Доналд Трамп се насочени кон економиите на земјите од БРИКС.
„Воведувањето екстратериторијални мерки ги загрозува нашите институции, секундарните санкции ја ограничуваат нашата слобода да ја зајакнеме трговијата меѓу пријателските земји, „раздели па владеј“ е нова стратегија на еднострано дејствување, а БРИКС мора да покаже дека соработката е над сè“, рече Лула.
Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса потсети дека земјите од БРИКС се на чело на застапувањето за реформи на мултилатералните институции.
„Јужноафриканската Република ја потврдува својата поддршка за иницијативата за реформи на ниво на Светската трговска организација (СТО). Земјите од БРИКС мора да учествуваат во поддршката на реформите што мора да се спроведат на ниво на СТО“, рече Рамафоса.
Египетскиот претседател Абдел Фатах Ал Сиси нагласи дека БРИКС промовира соработка заснована на меѓусебно почитување и додаде дека довербата во Советот за безбедност на ООН е намалена бидејќи телото не ја исполнува својата улога во решавањето на споровите.
Онлајн самитот на БРИКС започна порано денес, а главната тема на дискусија е трговската политика на американскиот претседател Доналд Трамп.
Самитот беше свикан на иницијатива на бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, кој претходно изјави дека со партнерите ќе разговара и за заеднички одговор на земјите-членки на БРИКС на царинските мерки на САД.
Овогодинешниот состанок на лидерите на БРИКС се одржа во Бразил на почетокот на јули.