Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес објави дека е остварен „многу добар“ разговор преку видео врска со претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и европските лидери пред претстојниот самит меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска.
Според неа, биле дискутирани подготовките за билатералниот состанок во Алјаска, а било истакнато и единството на Западот во однос на поддршката за Украина.
„Разменивме мислења за претстојниот билатерален состанок во Алјаска. Денес, Европа, САД и НАТО го зајакнаа заедничкиот јазик за Украина. Ќе продолжиме да дејствуваме во тесна координација. Никој не сака мир повеќе од нас - праведен и траен мир“, изјави претседателката на Европската комисија на платформата Икс.
И германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека европските лидери сакаат Трамп да постигне успех за време на преговорите со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска во петок, наведувајќи дека европската и украинската безбедност мора да бидат приоритет во преговорите.
„Јасно му кажавме на Трамп. Првото нешто што мора да се дискутира е прекин на огнот“, рече Мерц на заедничката прес-конференција со Зеленски, по разговорите со Трамп.
Канцеларот истакна дека стои зад ставот на Европа дека границите не смеат да се менуваат со сила и дека немало разговор за признавање на териториите контролирани од Русија.
„Трамп во голема мера се согласува со овој став“, рече Мерц.
Тој додаде дека европските сојузници се залагаат за безбедносни гаранции за Украина.
„Стратегијата се базира на поддршка на Украина и вршење притисок врз Русија. Доколку нема напредок во Алјаска од руска страна, тогаш Соединетите Американски Држави и ЕУ мора да го зголемат притисокот“, смета канцеларот на Германија.
Тој го оцени разговорот како добар и конструктивен и изрази надеж дека може да се постигне мир во Украина.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека за време на заедничкиот разговор со Зеленски, претседателот на Европскиот совет Антонио Коста и лидерите на Европската унија, Трамп изјавил дека сите територијални прашања, односно територии што официјално ѝ припаѓаат на Украина, мора да бидат предмет на преговори со Украина, објави Фигаро.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека разговорот меѓу европските лидери и американскиот претседател Доналд Трамп бил одличен и дека го покажал единството на НАТО во напорите за постигнување мир во Украина.
„Ние сме обединети во напорите да се стави крај на оваа ужасна војна против Украина и да се постигне праведен и траен мир. Му благодариме на Доналд Трамп за неговото лидерство и тесната соработка со сојузниците. Топката сега е на теренот на Путин“, напиша Руте на мрежата Х.