Според норвешката компанија за мерење на времето Тајменддејт (timeanddate), 10 јули беше најкраткиот ден во годината - траеше 1,36 милисекунди помалку од 24 часа.
Денот на 22 јули беше пократок за 1,34 милисекунди, додека на 5 август бил пократок за 1,25 милисекунди.
Должината на денот е времето потребно за планетата да се заврти околу својата оска - во просек е 24 часа или 86.400 секунди. Но секоја ротација е неправилна од неколку причини, како што се гравитационата сила на Месечината, сезонските промени во атмосферата и влијанието на течното јадро на Земјата.
Последица од ова е што ротацијата обично трае малку пократко од 86.400 секунди. Разликата од само неколку милисекунди воопшто не влијае на секојдневниот живот. Сепак, на долг рок, овие отстапувања можат да влијаат на компјутерите, сателитите и телекомуникациите. Затоа најмалите временски отстапувања од 1955 година се следени со помош на атомски часовници.
Колку е ова навистина проблем?
Некои експерти веруваат дека овие отстапувања би можеле да предизвикаат проблем сличен на проблемот Ј2К (Y2K) на преминот во новиот милениум, кој се закани да ја запре модерната цивилизација.
Атомските часовници ги бројат осцилациите на атомите што се наоѓаат во вакуумската комора на часовникот за да пресметаат 24 часа со највисока прецизност.
Добиеното време се нарекува Координирано универзално време (УTЦ), кое е определено од 450 атомски часовници и претставува глобален стандард за мерење на времето, како и времето на кое се поставени сите компјутери и мобилни телефони.
На пример, со користење на сателити за проверка на положбата на планетата во однос на фиксните ѕвезди, астрономите ја следат ротацијата на Земјата и можат да забележат мали разлики помеѓу времето на атомските часовници и времето потребно на Земјата да направи целосна ротација.
На 5 јули минатата година, Земјата го имаше најкраткиот ден досега забележан од појавата на атомскиот часовник пред 65 години. Имено, тој ден беше пократок од 24 часа за 1,66 милисекунди.
„Трендот на побрзи денови постои од 1972 година, но има флуктуации. Всушност е како да се следи берзата. Постојат долгорочни трендови, а потоа има и подеми и падови“, рече Данкан Агњу, професор-емеритус на Институтот за океанографија „Скропс“ и геофизичар-истражувач на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.
По неколку децении релативно бавна ротација, Меѓународната служба за ротација на Земјата и референтни системи побара додавање на престапна секунда на УТЦ во 1972 година поради доцнењето во ротацијата на Земјата во однос на атомското време.
Ова е слично на престапна година, кога се додава дополнителен ден на секои четири години во февруари за да се земе предвид разликата помеѓу Грегоријанскиот календар и времето потребно на Земјата да заврши една орбита околу Сонцето.
27 престапни секунди се додадени на УТЦ од 1972 година, но ова додавање стана поретко поради забрзувањето на Земјата. Девет престапни секунди беа додадени во текот на 1970-те, додека од 2016 година не е додадена ниту една престапна секунда.
Во 2022 година, Генералната конференција за тежини и мерки (ЦГПМ) гласаше да се прекине додавањето престапни секунди до 2035 година.
Но ако Земјата продолжи да ротира побрзо уште неколку години, верува Агњу, една секунда би можела да биде исклучена од УТЦ. Според него, никогаш немало негативна престапна секунда, но постои 40 проценти шанса тоа да се случи до 2035 година.
Што предизвикува Земјата да ротира побрзо?
Агњу забележува дека најкратките промени во ротацијата на Земјата доаѓаат од Месечината и плимата и осеката. Овој ефект е влошен од фактот дека планетата природно ротира побрзо за време на летото.
Во последните 50 години, течното јадро на Земјата се забавува, додека цврстото јадро на Земјата се забрзува. Со анализа на комбинацијата од овие ефекти, научниците можат да утврдат дали денот ќе биде пократок.
„Овие флуктуации имаат краткорочни корелации, што значи дека ако планетата забрза еден ден, тогаш постои тенденција да се забрза и за следниот ден. Оваа корелација исчезнува со текот на времето, поради што нема предвидувања повеќе од една година однапред“, истакна Џуда Левин, физичар и член на Американскиот национален институт за стандарди и технологија во областа на временската и фреквентната поделба.
Иако еден пократок ден не прави никаква разлика, додава Левин, трендот кон пократки денови ја зголемува можноста за негативна престапна секунда.
„Кога системот на престапни секунди беше дефиниран во 1972 година, никој никогаш не помислил дека некогаш ќе се случи негативна престапна секунда. Тоа е едноставно нешто што беше стандардизирано бидејќи мораше да се направи заради комплетност. Сите претпоставуваа дека ќе бидат потребни само позитивни престапни секунди, но сега скратувањето на денот (негативна престапна секунда) води до опасност“, нагласи тој.
Изгледите за негативна престапна секунда се причина за загриженост, како што објасни Левин, бидејќи дури и по 50 години сè уште има проблеми со позитивните престапни секунди.
„Сè уште има места каде тоа го прават погрешно или се прави во погрешно време или се прави со погрешен број и така натаму. Се прави одново и одново. Многу поголема загриженост е поради негативната престапна секунда бидејќи никогаш не е тестирана и никогаш не е испробана“, нагласи тој.
Левин потсети дека овој проблем е сличен на проблемот Ј2К, со оглед на тоа што многу фундаментални технолошки системи се потпираат на часовниците и времето.
Проблемот Ј2K се појави на преминот од 20 век во 21 век, кога се сметаше дека ќе се случи еден вид суден ден бидејќи компјутерите нема да можат да го обработуваат новиот формат на датум, префрлајќи се од „99“ на „00“.
Извор: ТРТ Балкан и агенции