Концептот за зелените покриви станува сѐ попопуларен во светот, поради своето еколошко, енергетско, естетско и општествено значење, особено во ерата на брзиот урбан развој и климатските промени.
Зелените покриви, збогатени со цвеќиња, трева, дрвја, повеќе не се само модерен тренд, туку тие се еколошко, општествено, но и економски одржливо решение, кое го подобрува севкупниот квалитет на животот на луѓето во урбаните средини на живеење.
Потребата да се заштеди енергија и да се намали загадувањето во воздухот се главните причини заради кои луѓето сѐ почесто се одлучуваат за зелените покриви. Ова се само некои од бенефите од зелените покриви:
Еколошко влијание - Покривите со вегетација - зелените покриви на јавните објекти и објектите за домување, во ерата на брзиот урбан развој и забрзувањето на климатските промени, стануваат „белите дробови“ во градските јадра, поради нивното еклокошко влијание.
Зелените покриви исто така го намалуваат загревањето. Крововите на кои има поставено кровни градини се со 1-4° степени пониска температура, наспроти конвенционалните кровови. Исто така, тие можат да ја намалат температурата во околината и до 5°.
Растенијата на зелените покриви го користат дождот веднаш. Во лето, градините на кровот можат да задржат до 80% од врнежите. По искористувањето, водата се враќа во атмосферата преку транспирација и испарување.
Енергетска ефикасност - Освен што го чистат воздухот, зелените покриви овозможуваат намалување на потрошувачката на енергија за околу 30 отсто и го намалуваат ризикот од поплави.
Општествено корисни - Со зелените покриви се креира нов простор кој се користи за одмор, рекреација, а некаде се користат како отворена културна сцена за различни настани. Некои од истражувањата ја истакнуваат социјалната вредност на зелените покриви. Лекарите сè повеќе и повеќе прeпишуваат време поминато во градинарство на отворено за пациенти што се соочуваат со анксиозност и депресија. Истражувањето открило дека пристапот до најосновните зелени места може да обезбеди подобар квалитет на живот за луѓето што страдаат од деменција и да помогне во спречувањето на дебелината.
Естетска вредност - Цвеќињата, тревата, дрвјата на зелените површини на покривите ја разубавува околината и создава пријатен амбиент и простор во кој уживаат луѓето.