СВЕТ
6 мин читање
Новинарите на Ројтерс ја обвинуваат агенцијата за произраелска пристрасност
Во ексклузивен извештај, вработените во најголемата светска новинска агенција, Ројтерс, откриваат судири со менаџментот околу известувањето за Палестина
Новинарите на Ројтерс ја обвинуваат агенцијата за произраелска пристрасност
Новинарите на Ројтерс ја обвинуваат агенцијата за произраелска пристрасност / Rob Wilkinson/Alamy
22 август 2025

Кога Израел го уби палестинскиот новинар Анас ал-Шариф на почетокот од овој месец, новинската агенција Ројтерс објави вестј со наслов: „Израел го уби новинарот на Ал Џазира, за кој вели дека бил водач на Хамас“.

Тие го избраа овој наслов и покрај фактот дека ал-Шариф претходно работел за нив и бил дел од тимот на Ројтерс кој ја доби Пулицеровата награда во 2024 година.

Ваквите случаи предизвикаа жестоки реакции на интернет, но и загриженост меѓу дел од вработените во моќната светска новинска агенција, која е основана во Лондон во 1851 година и денес има дневна публика од над еден милијарда луѓе.

Говорејќи за медиумската организација Declassified UK, многу вработени во Ројтерс изразиле став за она што го сметаат за произраелска пристрасност кај уредниците и раководството на новинската агенција. Сите побарале да останат анонимни за да избегнат можни санкции.

Еден уредник од редакцијата поднел оставка во август 2024 година, кажувајќи им на колегите во еден мејл: „Покривајќи го она што ние го нарекуваме израелско-хамасовата војна, сфатив дека моите вредности не се совпаѓаат со оние на компанијата.“

Во мејлот, тој дополнително напиша: „Прикачив еден извештај… и едно отворено писмо што јас и неколку колеги им го испративме на раководителите со надеж дека Ројтерс ќе ги почитува основните принципи на новинарството, но сега разбирам дека највисокото раководство е невозможно да се промени, а уште помалку да ја запре активната репресија врз критиките.“

Хедер Карпентер, висока директорка за комуникации во Ројтерс, за Declassified негираше дека компанијата некогаш го добила ова писмо.

Сепак, еден извор од Ројтерс ѝ изјавил на редакцијата на Declassified UK: „Неколку недели по нападот од 7 октомври, некои новинари во Ројтерс сфатија дека на нашето известување за војната Израел-Газа му недостига објективност.“

„Како одговор, една група новинари, кои работеа со полно работно време, спроведоа сеопфатна внатрешна истрага, вршејќи и квантитативни и квалитативни анализи на нашето известување.“

„Наодите претставуваа основа за едно отворено писмо, кое беше дистрибуирано внатре во редакцијата за да се идентификуваат и поврзат новинарите што се посветени на зајакнување на новинарството на Ројтерс во врска со Газа.“

Внатрешната студија анализирала 499 извештаи означени како „Израел-Палестина“, објавени помеѓу 7 октомври и 14 ноември 2023 година.

Тие откриле „доследен модел на распределување повеќе ресурси за известувања што се однесувале на Израелците отколку на Палестинците.“ Во времето на анализата, над 11.000 Палестинци во Газа биле пријавени како убиени, што било околу десет пати повеќе од бројот на израелски жртви.

Според Министерството за здравство во Газа, најновата бројка на жртви достигнала над 62.000, а реалните бројки се очекува да бидат околу три пати поголеми.

Тие, исто така, се запрашале зошто Ројтерс не известувал повеќе за тврдењата на експертите дека Израел врши геноцид во Газа, споредувајќи го тоа со начинот на кој агенцијата ги третирала сличните обвиненија за однесувањето на Русија во Украина.

Авторите на студијата се пожалиле и дека: „Јасен пример за тоа како нашата формулација подразбира пристрасност е забраната за користење на терминот ‘Палестина’… Иако Палестина можеби не е признаена како држава во некои западни земји, ние не мора да се однесуваме како да не е реална земја.“

Раководството на Ројтерс не одговорило на прашањата на Declassified UK дали некоја од препораките на внатрешната студија била прифатена.

„Некритичко известување“

Сепак, до мај оваа година се појавиле неколку знаци на промени во стилскиот водич, кои ги одразувале претходните внатрешни критики.

Хауард С. Голер, уредник за квалитет и стил во глобалната редакција на Ројтерс, испратил мејл со наслов: „Ажурирање на стилот на Ројтерс за конфликтот на Блискиот Исток“.

Ажурирањето им дозволува на новинарите на Ројтерс да го користат зборот „геноцид“, но само со атрибуција, додека сè уште го ограничува користењето на терминот „Палестина“ на „референци за историска Палестина од антика… до 1948 година“.

И покрај тоа што ограничувањата за терминот „геноцид“ се поблаги, анализата на Declassified открила дека Ројтерс го користел овој збор само во 14 од 300 извештаи на својата страница „Израел и Хамас во војна“, во периодот од 21 јуни до 7 август.

Термини како „војна“, „кампања“, „конфликт“, „ескалација“ и „напад“ најчесто се користеле наместо „геноцид“.

Кога се споменувал геноцидот, речиси секогаш бил придружен со негирањето од страна на Израел – практика што не се применувала кон другите завојувани страни, како што се силите за брза поддршка поддржани од Обединетите Арапски Емирати во Судан или Русија.

Овој двоен стандард во известувањето за геноцидот во Газа и за другите злосторства против човештвото бил нагласен од внатрешниот персонал во претходно споменатата студија.

Д-р Асал Рад, истражувачка на историјата на Блискиот Исток, позната како „поправувачка на наслови“ на социјалните мрежи, за Declassified UK изјави:
„Моделот што го споменувате е во суштина негирање на геноцидот.“

Таа додаде:
„Ројтерс ја прикажува израелската бруталност во Газа како дел од една ‘војна’ или ‘воена кампања’, наместо да ја нарече геноцид, и покрај консензусот меѓу експертите за човекови права и меѓународните институции кои дошле до заклучок дека Израел врши геноцид.“

Мејлот на Голер цитирал делови од стилскиот водич со наслов „Војната во Газа (2023 – денес)“ и „Поширок контекст“, кои најчесто даваат детали од израелска перспектива.

Ажурираните секции воопшто не споменуваат клучни елементи, како улогата на САД и Израел во саботирањето на преговорите за примирје.

Тие целосно го изоставуваат незаконскиот колонијализам преку израелските населби и апартхејд режимот, како и значително го потценуваат обемот на уништувањето во Палестина.

На пример, ажурирањето на водичот на 27 мај не ги цитира наодите на The Lancet: „Не е невозможно да се оцени дека до 186.000 или дури повеќе смртни случаи можат да се припишат на тековниот конфликт во Газа.“

Ажурирањето, исто така, го игнорира фактот дека Газа станала најсмртоносната зона за новинарите уште од Американската граѓанска војна во 1861 година.

Во август минатата година, поранешниот адвокат на Обединетите нации за човекови права, Крејг Мокхибер, напиша за Mondoweiss:
„Просто е неверојатно да се предложи дека западните медиумски компании не се свесни за реалноста на теренот и за она што го прават за да ја заматат…
Тие без сомнеж донеле свесни одлуки да го сокријат геноцидот од својата публика, да ги деградираат палестинските жртви систематски и да ги заштитат израелските извршители од одговорност.“

Подоцна, во мај, пишувајќи за Haaretz, израелскиот новинар Гидеон Леви рече:
„Храбра и чесна медиумска сцена можеше да го спречи овој воен напад, но ние едвај имаме нешто такво.“

Еден портпарол на Ројтерс изјави за Declassified UK дека веруваат дека нивното известување „било точно и непристрасно, во согласност со принципите на Thomson Reuters.

„Како и во многу други редакции, нашето известување за војната било подложено на внимателен преглед, вклучително и од нашите новинари, и добивме реакции од многу страни.“

ИЗВОР:TRT Balkan
Повеќе
ЕУ: Подготвуваме противмерки за царините на Трамп, последиците ќе бидат страшни за милиони луѓе
Трамп прогласи економска независност и воведе реципрочни тарифи ширум светот
Трамп очекува наскоро Маск да се повлече од Белата куќа
Министерот Фидан ќе присуствува на состанокот на НАТО во Брисел
Бројот на загинати во земјотресите во Мјанмар надмина 3.000
Произраелските групи притискаат да се прекине мандатот на Франческа Албанезе во ОН
Протест во Сараево поради лошата економска ситуација и високите трошоци за живот
Сојузот на синдикати на С. Македонија на протест, бара зголемување на минималната плата на 500 евра
Кристин Лагард: Тарифите на Трамп ќе имаат негативни последици ширум светот
Сијарто најави дека Унгарија и Србија ќе градат нов нафтовод до 2028 година
Велика Британија воведе електронски дозволи за влез на европските државјани
Косово сака да потпише договор за стратегиска соработка со Велика Британија во областа на одбраната
Мицотакис: Грција има намера да потроши 25 милијарди евра за одбрана во наредните години
Вучевиќ: СНС утре ќе дојде на консултации кај Вучиќ со неколку имиња за мандатарот на новата влада
Кандидатот за врховен судија во кој Маск вложи милиони долари загуби на изборите во Висконсин
Погледнете во TRT Global. Споделете го своето мислење!
Contact us