Поранешниот фудбалер на Ливерпул, Колумбиецот Луис Дијаз, потпиша договор со Баерн до 30 јуни 2029 година, објави денес клубот од Минхен.
Дијаз ќе го носи дресот со број 14 во редовите на шампионот на Бундеслигата.
Финансиските детали не се објавени, но британските медиуми објавуваат дека Баерн платил 65,5 милиони фунти за овој трансфер.
„Многу сум среќен. Многу ми значи што станав дел од Баерн, тоа е еден од најголемите клубови во светот. Мојата цел е да ја освојам секоја титула, а како тим ќе работиме на тоа секој ден“, рече Дијаз по потпишувањето на договорот.
Дијаз (28) дојде во Ливерпул во 2022 година, а пред тоа играше за Порто, Атлетико Жуниор и Баранкиља.
Колумбискиот фудбалер одигра 50 натпревари за клубот од Енфилд во сите натпреварувања минатата сезона и постигна 17 голови.
Тој настапи на 64 натпревари за колумбиската репрезентација и постигна 19 гола.