Јужнокорејскиот фудбалер Хеунг-Мин Сон се пресели од Тотенхем во Лос Анџелес и со тоа стана најскапото засилување во историјата на американската МЛС лига.
Американските и англиските медиуми објавија дека Сон (33) станал најскапиот играч што некогаш дошол во МЛС лигата, бидејќи Лос Анџелес му платил на Тотенхем 27,35 милиони долари отштета.
Претходниот најскап трансфер беше 25 милиони долари, кога Емануел Лате Лат се пресели од Мидлсбро во Атланта.
Како што објавија од Лос Анџелес, Сон потпишал договор со челниците на американскиот клуб до крајот на 2027 година, со опција за продолжување на соработката до крајот на 2028 година.
„Тука сум за да победувам и ќе пружам одлични настапи“, рече тој на воведната прес-конференција на стадионот БМО, која беше преполна со американски и јужнокорејски медиуми, навивачи и познати личности, вклучувајќи ја и градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас.
Сон ќе го замени францускиот напаѓач Оливие Жиру, кој беше продаден на Лил во јули, и ќе ја дели соблекувалната со францускиот голман Уго Лорис, неговиот поранешен соиграч во Тотенхем.
Сон ги помина претходните 10 години во Тотенхем.
Тој одигра 454 натпревари во сите натпреварувања, постигнувајќи 173 гола и 111 асистенции.
Во мај со Тотенхем ја освои Лигата на Европа.
За репрезентацијата на Јужна Кореја има одиграно 134 натпревари и постигнато 51 гол. Тој веќе ѝ помогна на својата земја да се квалификува за Светското првенство во фудбал во 2026 година, кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.