Глобалната флотила Сумуд, која плови кон Газа, во среда побара заштита од шпанската влада и Европа поради израелските закани.
„Израел ѝ се заканува на Глобалната флотила Сумуд, бродови што носат лекови и храна во Газа на хуманитарна мисија. Бараме Владата и Европа да дејствуваат за да обезбедат нивна заштита во согласност со меѓународното право“, напиша флотилата на X.
Од Сумуд информираа дека пакистанската делегација се придружила на малезиската Флотила Сумуд Нусантара, која исто така се придружува на Глобалната флотила Сумуд за да ја пробие блокадата на Израел.
Хуманитарната организација ИМРЏЕНСИ (EMERGENCY) со седиште во Италија, исто така, објави во вторник дека се придружува на флотилата на пат кон Газа со својот брод за пребарување и спасување Лајф Супорт (Life Support) „за да дејствува како набљудувач и да обезбеди медицинска и логистичка поддршка на бродовите што учествуваат“.
Опишувајќи го она што се случува во Газа како „неприфатливо“, организацијата забележа дека ќе отплови од Катанија, заедно со бродовите што се дел од италијанската делегација.
„Иако нашите влади не беа во можност да преземат мерки за да ја спречат ситуацијата што се влошува од ден на ден, граѓаните не се помируваат со тоа да стојат настрана и да гледаат“, соопшти ИМРЏЕНСИ.
Во меѓувреме, еден шпански дневен весник објави рано во среда дека од 30-те бродови што тргнале од Барселона во понеделник попладне, пет морале да се вратат, а два не можеле да го напуштат пристаништето поради механички проблеми.
Се вели дека околу 20 бродови се упатуваат кон Тунис за да им се придружат на уште 20 бродови во доставувањето помош за Газа, со кратка, неоткриена станица на Балеарските Острови во Шпанија.
Во неделата, израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир му претстави план на израелскиот кабинет за флотилата што вклучува задржување на активистите во продолжен притвор.
Друга флотила што носеше активисти, како што е активистката за климатски промени Грета Тунберг, која повторно патува, пристигна во близина на Газа во јуни. Израелските сили го запленија бродот и ги депортираа активистите.
Глобалната флотила Сумуд, која превезува активисти и хуманитарна помош за Газа, отплови од пристаништето во Барселона доцна во понеделник откако лошите временски услови ја принудија да се врати еден ден претходно.
Околу 200 активисти, политичари и уметници од 44 земји првично отпловија во недела од Барселона по голем митинг во поддршка на нивната мисија.
Шведската климатска активистка Грета Тунберг, ирскиот актер Лиам Канингем, шпанскиот актер Едуардо Фернандез и поранешната градоначалничка на Барселона, Ада Колау, се меѓу учесниците на патувањето.
Организаторите велат дека на флотилата ќе ѝ се придружат уште бродови што тргнуваат од Италија и Тунис, со што вкупниот број ќе достигне повеќе од 500 луѓе и околу 60 бродови.
Се надеваат дека ќе стигнат до Газа до средината на септември.