Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар денес изјави дека Европската Унија (ЕУ) не е обединета во случајот на конфликтот во Газа, предупредувајќи дека ситуацијата таму бара порешителна акција од „наша страна со цел да се постигне што е можно поскоро прекинување на непријателствата и реализација на решението со две држави.
Мусар, која беше домаќин на претседателскиот панел, кој е еден од централните настани на Стратешкиот форум во Блед, во контекст на наоѓање мир во сегашните воени зони, повика на порешителна улога на ЕУ во решавањето на овие конфликти.
Таа посочи дека Европската Унија не е обединета во случајот на конфликтот во Газа.
„Ситуацијата таму, непочитувањето на хуманитарното право, гладот, страдањето и смртта на децата, мајките, страдањето на целото население, бара порешителна акција од наша страна со цел да се постигне што е можно побрзо прекинување на непријателствата и реализација на решението со две држави“, предупреди Пирц Мусар.
Заедно со претседателот на Естонија, Алар Карис, претседателот на Чешка, Петр Павел и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, тие разговараа за ерозијата на мултилатералниот систем и фундаменталните причини за падот на меѓународниот поредок.
Претседателката на Словенија нагласи дека ЕУ е изградена врз принципите на мултилатерализмот, меѓународното право и дипломатијата, но сѐ повеќе се соочува со внатрешни поделби и предизвици предизвикани од промените во глобалната рамнотежа на моќ. Таа нагласи дека не е евроскептик.
„Сè уште верувам во Европската Унија. Јас сум Европеец. Верувам дека имаме доволно сила и волја да го правиме она што е исправно. Но, ми недостасува повеќе доверба кај политичарите“, рече таа.
Пирц Мусар го привлече вниманието на итноста од справување со климатската криза, на која младите исто така предупредуваат дека дејствијата не ги следат преземените обврски.
„Што ќе значи за земјите целата оваа борба ако климатската криза го уништи светот“, рече таа.
Претседателката на Словенија истакна дека живееме во несигурен свет и дека повторно сме на раскрсница, поради што ни е потребна обединета, кохезивна, стратешки ориентирана и посуверена Европска Унија која знае како да ги заштити своите вредности и интереси, додавајќи дека иднината на ЕУ ќе зависи од нејзината способност да го одржи единството и довербата на своите граѓани.