Централната изборна комисија (ЦИК) на Босна и Херцеговина денес едногласно одлучи да го одземе мандатот на претседателот на ентитетот Република Српска, Милорад Додик.
Одбраната на Додик има право да поднесе жалба на оваа одлука до Апелациониот оддел на Судот на БиХ, кој ги разгледува жалбите за изборите. По завршувањето на жалбената постапка, одлуката ќе биде конечна.
Како што претходно беше најавено, ќе има рок за жалби, а по тоа се очекува да бидат распишани предвремени избори во период од 90 дена, објавија медиумите во БиХ.
ЦИК БиХ ја донесе оваа одлука постапувајќи во согласност со конечната пресуда со која Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност, поради непочитување на нелегалниот висок претставник Кристијан Шмит.
Според законите на Босна и Херцеговина, затворската казна може да се замени со парична казна.
Народното собрание на Република Српска претходно заклучи дека Обвинителството и Судот на Босна и Херцеговина не постојат според Дејтонскиот мировен договор.
Додик рече дека нема да ја почитува одлуката на Апелациониот суд, а неговиот адвокат Горан Бубиќ рече дека ќе се жали до Уставниот суд и дека ќе ги искористи сите законски можности пресудата изречена против претседателот на Република Српска да биде прогласена за ништовна.