Во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и амбасадорката во САД, Ангела Агелер, денеска во касарната „Јане Сандански“ во Штип беа промовирани нови 29 лесни оклопни возила ЈЛВТ (JLTV), со што бројот на ваков тип возила што ги поседува Армијата се зголеми на 67.
„За мене е голема чест и задоволство што денес можам да бидам во ова друштво. Зошто? Затоа што во кого и да инвестирате и јас да ја облечам армиската јакна, тоа значи дека инвестирате во долгоочекуваниот мир и инвестирате во одбраната на сопствената татковина. Како претседател на Владата, еден од моите главни приоритети отсекогаш била безбедноста на земјата, да се зачува мирот, стабилноста на земјата, бидејќи тоа се основните услови за да можеме да развиеме заедница што ќе напредува и заедница што ќе нуди иднина за сите граѓани, а Македонската армија е неразделно врзана со оваа амбиција“, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека е горд што полека, но сигурно се доекипираме, се комплетираме и ја јакнеме македонската Армија.
„Тука нема да застанеме, ќе продолжиме и понатаму. Во насока на дефинирање на приоритетите, нешто што претходно го разговаравме со началникот на Генералштабот, со министерот, со амбасадорот и со други колеги во наредните години за да можеме да го планираме буџетот, да инвестираме во развојот на земјата и во развојот на Армијата“, рече Мицкоски.
Според него, кога зборуваме за инвестирање во Армијата, зборуваме и за модернизација и изградба на два многу важни коридори- Коридорот 10 и Коридорот 8.
„Тоа ќе биде една од нашите главни амбиции и планови во годините што доаѓаат, модернизација на Армијата, снабдување со она што е потребно и дефинирање на приоритетите и реализација на тие приоритети од аспект на опремата. Но и модернизација и изградба на овие 2 важни логистички коридори за НАТО, особено за Јужното крило на НАТО“, рече Мицкоски.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, истакна дека одбранбените капацитети на Армијата продолжуваат да се зголемуваат и зајакнуваат и дека во соработка со САД и програмите преку кои се вршат набавките за модернизација на македонската Армија, бројот на лесни оклопни возила се зголеми речиси за двојно.
„Нови 29 оклопни возила кои се набавени преку договорот Влада со Влада веќе се дел од Армијата. Со оваа нова достава, се приближуваме до потребниот бројот на возила, а дополнително, очекуваме во скоро време да ни пристигнат и дел од оклопните возила Страјкер (STRYKER) кои исто така се од американско производство“, истакна Мисајловски и додаде дека возилата се предвидени за Лесната пешадиска баталјонска група, нашата декларирана единица која ќе биде подготвена за упатување и мисии во случај на потреба.
Министерот информираше дека потпишани се и 7 нови договори со САД, проекти кои се во процес на реализација, а се однесуваат на набавка на опрема за специјални сили, набавка на беспилотни системи, опрема за сајбер заштита, лесно пешадиско вооружување, средства за лична заштита и Комплет за контрола на здружен оган.
Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, рече дека овие лесни оклопни возила преставуваат олицетворение на постојаната поддршка на САД на Северна Македонија и нејзините одбранбени способности, а се и еден „силен и моќен симбол на вашиот напредок кон постигнување на модернизирана војска која што ќе биде опремена и подготвена да се соочи со потребите и барањата на денешната комплексна безбедносна средина“.