Најмалку 56 мигранти загинаа, а 132 се водат за исчезнати откако брод со околу 200 лица се преврте во близина на брегот на јеменската провинција Абијан, соопшти Меѓународната организација за миграција (ИОМ) на Обединетите нации денес, јавува Анадолу.
Меѓу загинатите има и 14 жени, а се верува дека мнозинството се државјанки на Етиопија. Спасени се само 12 лица – сите мажи, информира ИОМ.
Агенцијата го опиша потонувањето, кое се случи на 3 август, како „срцепарателна трагедија“ и ја нагласи итната потреба од справување со опасностите од нерегуларната миграција по Источната рута, која го поврзува Рогот на Африка со Јемен.
Од ОН повикаа на засилена меѓународна и регионална соработка за проширување на безбедните и регуларни миграциски канали, подобрување на координираните операции за потрага и спасување, заштита на преживеаните, како и поддршка за нивно безбедно враќање и реинтеграција во матичните земји.
„Им оддаваме признание на локалните власти за нивната брза реакција и ја повторуваме нашата посветеност за поддршка на тековните меѓуагенциски напори за идентификација и помош на преживеаните, пронаоѓање на телата и поддршка за семејствата на настраданите“, стои во соопштението на ИОМ.
Претходно, јеменските власти потврдија дека десетици тела се пронајдени и погребани, додека многумина сè уште се водат за исчезнати откако бродот се превртел поради лошите временски услови.
Од почетокот на 2025 година, ИОМ има регистрирано над 350 смртни случаи и исчезнувања на мигранти покрај Источната рута, но се смета дека вистинската бројка е многу поголема.
Јемен е честа транзитна точка за стотици илегални мигранти од Рогот на Африка, особено од Сомалија и Етиопија, кои се впуштаат во ова опасно патување со надеж дека ќе стигнат до заливските земји во потрага по подобар живот.