Обединетите нации го повикаа Израел да ја поништи одлуката за започнување со изградба на населба што би го поделила Западниот Брег и би ја поврзала со Источен Ерусалим, изјави денес портпаролот на ОН, Стефан Дижарик.
Тој изјави дека изградбата на таа населба ќе ги прекине изгледите за решавање на проблемот меѓу Израел и Палестина преку решение со две држави.
„Населбите се спротивни на меѓународното право и дополнително ја зајакнуваат окупацијата“, рече Дижерик.
Претходно, екстремно десничарскиот израелски министер за финансии, Безалел Смотрич, објави планови за одобрување на тендер за изградба на повеќе од 3.400 станбени единици во рамките на спорниот проект за населба Е1 помеѓу Ерусалим и Мале Адумим на Западниот Брег.
Во исто време, тој рече дека овој план „ќе ја закопа идејата за палестинска држава“.
Смотрич во соопштението наведе дека одобрувањето на планот за изградба претставува продолжение на чекорите што Израел ги презема на терен како дел од де факто планот за суверенитет што почна да се спроведува со воспоставувањето на израелската влада.
Проектот е замрзнат со децении поради жестокото противење од меѓународната заедница, која се плаши дека новата населба ќе го блокира одржливото решение за создавање палестинска држава.
Со потенцијалната изградба на населби во таканаречената зона Е1, Западниот Брег би бил поделен на северен и јужен регион и би бил спречен развојот на палестинската метропола што го поврзува Источен Ерусалим со Витлеем и Рамалах, за која Палестинците долго време се надеваа дека ќе биде основа на нивната идна држава.
Сепак, како што наведува телото за следење на изградбата на населбата, „Мир сега“, одобрените планови не се однесуваат на оригиналната зона Е1, туку на посебна населба во градот Мале Адумим.
„3.300-те станбени единици во Мале Адумим претставуваат зголемување од 33 проценти на вкупниот број единици во населбата, што е огромно проширување на населбата чие население стагнираше на околу 38.000 во изминатата деценија и претрпе емиграција“, соопшти организацијата.
Како што додава „Мир сега“, закажани се тендери за голема населба што ќе ја поврзе изградената област Мале Адумима со индустриската зона на исток.
Плановите за изградба на населби што би го поделиле Западниот Брег предизвикаа бројни осуди од земји како Катар, Египет и Норвешка, кои се спротивставуваат на овие планови, оценувајќи ги како кршење на меѓународното право.