Специјалниот американски пратеник Стив Виткоф пристигна во центарот за достава на помош управуван од таканаречената „Хуманитарна фондација Газа“ (GHF) во коридорот Мораг, северно од Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.
Посетата доаѓа во време кога ескалира меѓународната осуда поради политиката на изгладнување на Израел во Газа и влошувањето на хуманитарната катастрофа на опколената палестинска територија.
Виткоф е придружуван од американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби. Се очекува делегацијата да ги провери местата за дистрибуција поради извештаите дека над 1.000 гладни Палестинци се убиени од мај на местата за собирање храна управувани од GHF.
Каролин Ливит портпаролката на Белата куќа, изјави дека Виткоф „ќе ги посети местата за дистрибуција и ќе обезбеди план за испорака на повеќе храна, и дека ќе се сретне со локалните жители на Газа за да слушне од прва рака за оваа тешка ситуација на терен“.
Засега нема директен палестински одговор за посетата на Виткоф.