Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Москва се залага за „вистински сигурни“ безбедносни гаранции за Украина.
„Во однос на извештаите дека Велика Британија, Франција и Германија сакаат да создадат и да развиваат колективни безбедносни гаранции, ние сме за тоа овие гаранции да бидат навистина сигурни“, рече Лавров на заедничката прес-конференција со неговиот јордански колега Ајман Сафади во Москва.
Тој потсети дека украинската преговарачка делегација предложила основни принципи на договор за прекин на војната и постигнување одржливо решение за време на почетните мировни разговори во Истанбул во април 2022 година.
Според него, предлогот на Киев вклучувал откажување од приклучување кон НАТО или други воени блокови, како и потврда за неутралниот и ненуклеарниот статус на Украина.
Лавров нагласи дека Русија се согласува безбедносните гаранции за Украина да се обезбедат на рамноправна основа со учество на земји како Кина, САД, Велика Британија и Франција.
„Сигурен сум дека на Запад, особено во САД, совршено добро разбираат дека сериозното дискутирање за прашањата за осигурување безбедност без Руската Федерација е утопија, пат кон никаде“, додаде тој.