ПОЛИТИКА
6 мин читање
Почнаа геримандеринг војните: Дали мапата на Тексас ќе ги одреди меѓуизборите?
Додека продолжува застојот во прераспределбата на изборните единици, републиканците би можеле да освојат пет клучни места во Претставничкиот дом, иако експертите предупредуваат дека жариштето ќе ја поткопа довербата во изборниот процес во 2026 година
Почнаа геримандеринг војните: Дали мапата на Тексас ќе ги одреди меѓуизборите?
Прераспределбаta би создалa пет дополнителни места на Републиканската партија во Претставничкиот дом на САД, зајакнувајќи го мнозинството на Трамп / AP
пред 13 часа

Претставничкиот дом во Тексас повторно е тивок, но не според распоредот. Има столчиња, микрофони, маси од полирано дрво - но нема кворум. Педесет и двајца демократски пратеници ги нема, расфрлани низ засолништата на „сините“ држави, од Илиноис, Њујорк до Масачусетс.

Причината: мапа.

Објавен минатата недела од страна на републиканците од Тексас, со отворена поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп, новиот предлог за прераспределба на конгресот би го направил она што повеќето мапи не го дозволуваат: да ги промени изборите пред да се даде ниту еден глас.

Ако се усвои, новите линии на мапата би можеле да избришат пет демократски места во Претставничкиот дом на САД и да им дадат на републиканците заштитен ѕид пред меѓу-изборите во 2026 година.

Претседателот Трамп беше директен во вторник наутро. 

„Имаме можност во Тексас да освоиме пет места. Имаме навистина добар гувернер и имаме добри луѓе во Тексас. И јас го освоив Тексас“, рече Трамп. „Добив најголем број гласови во историјата на Тексас, како што веројатно знаете, и имаме право на уште пет места.“

Професорот Дејвид Левин од Правниот факултет на Универзитетот Калифорнија во Сан Франциско изјави за TРТ Ворлд: 

„Во никој случај Републиканската партија нема „право“ на уште пет места во Претставничкиот дом од Тексас“.

Тексашкиот дом повторно се состана во вторник за да го покрене предлог-законот, но брзо се одложи до петок откако не успеа да го достигне потребниот број за гласање. Бегството на демократите функционираше - засега.

Црвени линии, сини влогови

Коментарите на Трамп не застанаа на Тексас. Тој тврдеше дека манипулирањето со гласањето е задоцнета одмазда.

„Во Илиноис, она што се случи е ужасно што го прават. И забележувате, тие одат во Илиноис поради безбедност, но сето тоа е манипулирано. Калифорнија е манипулирана со гласањето. Треба да имаме многу повеќе места во Конгресот во Калифорнија. Сето тоа е манипулирано“.

Џош Базби, професор на Универзитетот во Тексас-Остин, има поинаков став кога станува збор за државата Осамената ѕвезда (Лоун Стар).

Тој изјави за TРТ Ворлд: „Тексашките демократи добија 40% од гласовите, но државата веќе е манипулирана, па демократите имаат 34% од местата во Претставничкиот дом на САД. Ако овој обид успее, републиканците би контролирале 30 од 38 места или 79% од местата со веројатно само 40% или помалку од гласовите“.

Демократите го гледаат овој момент не само како политичка борба, туку и како егзистенцијална. Во последните циклуси, партијата честопати се спротивставуваше на манипулациите, апелирајќи до судовите и комисиите да цртаат неутрални мапи. Тој став сега е мртов.

„Нема да седам настрана додека Доналд Трамп и републиканците од Тексас се обидуваат да ја украдат иднината на нашата нација“, рече гувернерката на Њујорк, Кети Хочул.

Претседателот на Демократскиот национален комитет (ДНК), Кен Мартин, денес е во Чикаго за да застане покрај законодавците од Тексас. Гувернерот на Илиноис, Џ.Б. Прицкер, им се придружи.

Прицкер, потенцијален кандидат за претседателската номинација на Демократската партија во 2028 година, остро го нападна притисокот на републиканците во Тексас за прераспределба на изборните единици: „Тие се плашат, а и треба да се плашат“, рече тој.

Пораката изгледа јасна: Демократите се соочуваат со ова директно.

Борете се против оган со оган

Во Калифорнија, гувернерот Гевин Њусом целосно се откажа од кадифените ракавици.

„Тексас го предизвика овој одговор. Што и да прават, ќе биде неутрализирано овде во државата Калифорнија. И тие ќе ја платат таа цена.“ 

Неговото предупредување не е празно. Демократите во Калифорнија се длабоко во преговори за прецртување на сопствените карти, а дури пет места што ги држат републиканците се цел на напади.

Њусом, исто така, упати поширок повик за дејствување: „Борете се против оган со оган.“

Левин додаде: „Долгогодишниот обичај е прераспределбата да се случува кога е потребно, што значи само по пописот, за кој Уставот вели дека мора да се спроведува на секои десет години.“

„Републиканците во Тексас целосно го користат зеленото светло од Врховниот суд за да се обидат да ги прераспределат политичките области сега. Сето ова е можно затоа што Врховниот суд пресуди дека политичките прераспределби се легални, дури и ако манипулирањата со изборните единици мотивирани од расни причини не се прифатливи. Судските спорови се случуваат затоа што понекогаш не можете да ја забележите разликата“, забележа тој.

На терен во Тексас, операцијата на прецртување е хируршка и смела. Според Законодавниот совет на Тексас, мапата би го зголемила бројот на области што Трамп би ги освоил во 2024 година од 27 на 30.

Уште пет области би го виделе Трамп како победник за над 10 процентни поени.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот, го бранеше планот, нарекувајќи го „не зграпчување на моќ, туку корекција“.

„Сакаме да се осигураме дека имаме мапи што не наметнуваат коалициски области, а во исто време да осигуриме дека ќе ја максимизираме можноста на Тексашаните да можат да гласаат за кандидатот по свој избор.“

Надвор од најнаселената држава во југо-централниот регион на САД, политиката е поизрамнета.

Демократската национална комисија, долго време претпазлива во врска со вмешувањето во битки за манипулирање на изборите, сега се подготвува да поддржи слични тактики во сините држави.

Непробојна картата на Тексас 

Пресметката е едноставна: ако републиканците освојат пет нови места во Тексас, тие би можеле да го избришат мнозинството на демократите во Претставничкиот дом или да го зацврстат своето, токму на време за последните две години на Трамп на функцијата.

Левин нуди остра забелешка. 

„Сето ова може силно да влијае на перцепцијата на луѓето за легитимноста за исходот од изборите во 2026 година. Ова веројатно ќе биде особено точно ако републиканците го контролираат Претставничкиот дом поради новите места, а ако не се направат никакви промени, демократите би го презеле Претставничкиот дом.“

Мнозинството на Републиканската партија е веќе тесно како жилет. Картата на Тексас би можела да ја направи непробојна.

Правната слика останува хаотична. Претседателот на Претставничкиот дом на Тексас изјави оваа недела дека потпишал граѓански налози за апсење на демократите кои бегаат. Но надвор од Тексас, налозите се ништовни.

Засега, демократите остануваат во егзил.

„Имаме право на уште пет места“, повтори Трамп во етерот.

И демократите, за прв пат по години, одговараат на таа декларација не со тужби или писма, туку со остри зборови и свои мапи.

„Тоа ќе доведе до тоа речиси секоја држава да биде манипулирана врз основа на тоа која партија ја контролира државата во моментов“, заклучи Базби.

Извор: ТРТ Ворлд


Повеќе
ЕУ: Подготвуваме противмерки за царините на Трамп, последиците ќе бидат страшни за милиони луѓе
Трамп прогласи економска независност и воведе реципрочни тарифи ширум светот
Трамп очекува наскоро Маск да се повлече од Белата куќа
Министерот Фидан ќе присуствува на состанокот на НАТО во Брисел
Бројот на загинати во земјотресите во Мјанмар надмина 3.000
Произраелските групи притискаат да се прекине мандатот на Франческа Албанезе во ОН
Протест во Сараево поради лошата економска ситуација и високите трошоци за живот
Сојузот на синдикати на С. Македонија на протест, бара зголемување на минималната плата на 500 евра
Кристин Лагард: Тарифите на Трамп ќе имаат негативни последици ширум светот
Сијарто најави дека Унгарија и Србија ќе градат нов нафтовод до 2028 година
Велика Британија воведе електронски дозволи за влез на европските државјани
Косово сака да потпише договор за стратегиска соработка со Велика Британија во областа на одбраната
Мицотакис: Грција има намера да потроши 25 милијарди евра за одбрана во наредните години
Вучевиќ: СНС утре ќе дојде на консултации кај Вучиќ со неколку имиња за мандатарот на новата влада
Кандидатот за врховен судија во кој Маск вложи милиони долари загуби на изборите во Висконсин
Погледнете во TRT Global. Споделете го своето мислење!
Contact us