Надзорниот комитет на Претставничкиот дом на САД во понеделникот прими голем број документи од имотот на Џефри Епштајн, вклучувајќи ја и таканаречената „роденденска книга“ која наводно содржи писмо од претседателот Доналд Трамп од 2003 година.
„Еве го: Ја добивме роденденската честитка од Трамп до Џефри Епштајн за која претседателот тврдеше дека не постои“, објави демократското малцинство во Надзорниот комитет на социјалната мрежа X, прикачувајќи фотографија од наводното писмо напишано во цртеж на голо женско тело и потпишано со „Доналд“.
Во објавата се нагласува дека Трамп зборувал за „прекрасна тајна што двајцата ја споделиле“, со повик за објавување на сите досиеја: „Што крие? Објавете ги документите!“
Конгресменот Роберт Гарсија, највисокиот демократ во комитетот, потврди дека ја добиле „роденденската книга на Епштајн и дополнителни документи од неговиот имот“, објавувајќи повеќе информации.
Објавувањето на документите доаѓа во време на двопартиски напори во Конгресот да се објават сите федерални досиеја поврзани со Епштајн, финансиерот кој почина во федерален притвор во 2019 година додека чекаше судење за обвиненија за трговија со луѓе.
Претставниците Томас Маси и Ро Кана презентираа закон, со кој ќе се обврзе Министерството за правда да објавува документи и поднесоа барање до Претставничкиот дом да се изјасни за транспарентноста.
Сепак, тимот на Трамп ја негираше автентичноста на писмото. Заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, Тејлор Будович, рече дека објавената фотографија ја оди во прилог на тужбата на Трамп против „Волстрит џурнал“, кој прв објави за постоењето на честитката.
„Време е @newscorp да ја отвори својата чековна книшка, тоа не е неговиот потпис. Клевета!“, напиша Будович на X, прикачувајќи фотографии од потписите на Трамп од неговите претседателски мандати, кои не се совпаѓаат со оној на спорната картичка.
„Волстрит џурнал“ одделно објави анализа во која се тврди дека потписот и стилот на писмото се совпаѓаат со оние на претходните писма на Трамп, вклучувајќи го и едно испратено до американскиот обвинител Џорџ Конвеј во 2006 година и писмо од 2000 година до Хилари Клинтон.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, го оцени извештајот како доказ дека „приказната за честитката за роденден е целосно лажна“.
„Како што реков претходно, јасно е дека претседателот Трамп не ја нацртал таа слика, ниту го потпишал документот. Неговиот правен тим ќе продолжи енергично да гони. Ова се лажни вести што ја шират „демократската измама на Епштајн“, рече Ливит.