Полскиот премиер Доналд Туск во пресрет на самитот меѓу претседателите на САД и Русија во Алјаска jа повика Европа да го убеди американскиот претседател Доналд Трамп дека на Русија не може да и се верува.
„Најважно е Европа да го убеди Доналд Трамп дека на Русија не може да ѝ се верува“, изјави вчера Туск.
Европските лидери изразија претпазлив оптимизам по виртуелната средба со Трамп вчера, пред планираната средба со рускиот претседател Владимир Путин за прекин на војната во Украина.
Туск во изјава по онлајн средбата за Украина, организирана од Германија, рече дека разговарале за тоа како би можеле позитивно да влијаат на средбата на Трамп со Путин.
Тој истакна дека средбата на 15 август веројатно нема да донесе решение, но би можела да биде прв чекор кон релативно брзи одлуки за прекин на огнот.
Тој рече дека ставот на Полска служи како водич за другите земји за тоа како треба да се водат преговорите за Украина, нагласувајќи дека клучната поента е дека Русија не треба да се гледа како држава која има право да ги одредува границите на своите соседи.
Туск предупреди против обидот на Русија да ја вклучи безбедноста на земјите од НАТО во преговорите и да го намали присуството на сојузничките трупи, вклучително и во Полска.
Тврдејќи дека Русија мора да биде принудена да дозволи праведен мир во Украина, тој рече дека никој не треба да наметнува услови што ефикасно би значеле предавање на Украина.
Трамп наводно им рекол на европските лидери дека неговата цел на самитот е да обезбеди прекин на огнот меѓу Москва и Киев.
Тој ја опиша виртуелната средба со европските лидери како „десет точки“ и предупреди дека Русија ќе се соочи со „многу сериозни“ последици ако не ја заврши војната во Украина.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц нагласи дека лидерите „јасно ставиле до знаење дека Украина мора да биде на преговарачката маса штом ќе бидат закажани следните состаноци“.