Федералниот апелационен суд во САД ѝ дозволи на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да ги укине привремените заштити од депортација и работните дозволи за повеќе од 60.000 имигранти од Никарагва, Хондурас и Непал.
Пресудата на Деветтиот окружен апелационен суд веднаш ги прекинува заштитите за непалските граѓани, чиј статус истече на 5 август, додека заштитата за имигрантите од Хондурас и Никарагва завршува на 8 септември.
Тројцата судии кои ја потпишаа одлуката не дадоа правно образложение.
Портпаролката на Министерството за внатрешна безбедност, Триша Меклафлин, изјави дека одлуката го зајакнува интегритетот на имиграцискиот систем и го спречува користењето на привремениот статус како „де факто систем за азил“.
Ахилан Аруланантам од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, претставник на една од групите што ја поднесоа тужбата, го критикуваше судот за тоа што не дал образложение рече дека одлуката „санкционира преземање на власта од страна на владата“.
Пред ова, окружната судијка на САД, Трина Томпсон, привремено ја блокираше администрацијата да ја укине заштитата во јули, велејќи дека одлуката веројатно била мотивирана од „расна нетрпеливост“.