Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега, Владимир Путин, пристигнаа во Алјаска денес на критични разговори насочени кон ставање крај на повеќе од тригодишната војна на Русија против Украина.
Трамп се сретна со Путин на пистата поздравувајќи го на црвениот тепих откако рускиот претседателски авион слета во Анкориџ. Потоа двајцата лидери се упатија на состанок во формат 3 на 3, на кој им се придружија по двајца врвни помошници, објави Белата куќа.
Пред почетокот на средбата, Трамп и Путин се сликаа заедно со своите соработници кои исто така ќе присуствуваат на средбата - Марк Рубио, Стив Виткоф, Сергеј Лавров и Јуриј Ушаков, а во таа прилика Путин изгледаше прилично расположен.
По првата средба, лидерите ќе се упатат кон проширен работен ручек, а дополнителни помошници кои ќе им се приклучат на разговорите.
„Не би бил воодушевен ако не го добијам“, рече Трамп за прекин на непријателствата меѓу земјите. Тој рече дека сите му велат дека нема да добие прекин на огнот до вториот состанок.
„Значи, ќе видиме што ќе се случи. Ќе бидам…нема да бидам среќен ако си заминам без некаков вид прекин на огнот“, рече тој.
Подоцна на новинарите им рече дека за сите можни територијални размени меѓу Украина и Русија ќе одлучува Киев.
„Тие ќе бидат дискутирани, но морам да дозволам Украина да ја донесе таа одлука. И мислам дека ќе донесат правилна одлука, но јас не сум тука да преговарам за Украина. Ќе ги соберам на маса.“
Украинскиот претседател Владимир Зеленски постојано се спротивставува на какви било територијални отстапки.
Украинскиот лидер во средата изјави дека Трамп изразил подготвеност да ѝ обезбеди на неговата земја безбедносни гаранции.
На прашањето дали се можни безбедносни гаранции за Украина, Трамп на новинарите во авионот „Ер Форс Уан“ им одговори дека се можни, „заедно со Европа и други земји“, но „не во формат на НАТО“, велејќи дека такво членство на Украина „нема да се случи“.