Разговорите за договор за справување со загадувањето со пластика продолжуваат во Меѓувладиниот преговарачки комитет за загадување со пластика, во европското седиште на Обединетите нации во Женева. Европската Унија и малите островски земји се залагаат за ограничувања на производството на пластика, но големите производители на петрохемиски производи предводени од САД се спротивставуваат на ова.
Американците се залагаат договорот да се фокусира на отстранување на отпадот, а не на ограничување на производството.
„Постои малцински блок на земји кои имаат големо влијание и се обидуваат да ги попречат овие преговори. Една тактика што ја користат е доведување во прашање на основите. Ние сме во време на ревизија каде што сè што се кажува, дури и она што ни го кажува науката, е многу политизирано. На крајот на краиштата, одлуката зависи повеќе од политичкиот договор отколку од она што е научно основано“, рече Андрес Дел Кастиљо од Центарот за меѓународно еколошко право.
Производството на пластика се зголемило за повеќе од 200 пати од 1950 година и влијае на здравјето на луѓето во сите фази на производство, од екстракција на суровини до конечно отстранување, според извештај објавен во медицинското списание „Лансет“.
„Исклучително е важно да се постигне договор за пластиката бидејќи ја наоѓаме насекаде - од најдлабоките океански ровови до Хималајските планини. И во нашите тела исто така - од нашата крв, до нашите бели дробови, до нашата плацента, дури и пред да се родат нашите деца, тие се изложени на неа. Го истакнувам ова бидејќи навистина треба да се справиме со загадувањето со пластика“, рече биологот Мелани Бергман.
Иако пластиката има многу корисни примени, најголем раст е забележан во производството на пластика за еднократна употреба, како што се шишиња за пијалоци и пакувања за брза храна.
Резултатот е масовно загадување - дури осум милијарди тони пластика ја загадуваат целата планета, од врвот на Монт Еверест до најдлабоките делови на океанот, а помалку од 10 проценти од пластичниот отпад се рециклира.