Природните катастрофи предизвикале економски загуби од околу 116 милијарди евра низ целиот свет во текот на првата половина од 2025 година, објави осигурителната компанија „Свис Ре“.
Во истиот период минатата година, загубите изнесувале 113,16 милијарди евра, објави францускиот БФМ.
Најголемиот дел од штетата е предизвикан од шумските пожари во Лос Анџелес и силните бури во САД, при што осигурените загуби достигнале 73,6 милијарди евра, во споредба со 57,04 милијарди евра во првата половина од 2024 година, соопшти компанијата.
„Свис Ре“ предупредува дека трошоците поврзани со пожарите значително се зголемија во последната деценија поради зголемувањето на температурите, почестите суши и промените во моделите на врнежи.
Во текот на шест месеци, силните бури во САД доведоа до осигурени штети од 28,52 милијарди евра.
Меѓу значајните катастрофи е земјотресот во Бурма во март, кој предизвика штета низ цела Југоисточна Азија.
Само во Тајланд, осигурените загуби достигнаа 1,38 милијарди евра.
Втората половина од годината, која обично носи поголеми загуби поради сезоната на урагани во Атлантикот, би можела дополнително да ги зголеми вкупните трошоци.
Доколку трендот од првата половина продолжи, осигурените загуби би можеле да ја надминат годишната проценка на „Свис Ре“ од 138 милијарди евра.