Специјален оклопен воз што го превезува севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун пристигна во Пекинг во вторник, каде што тој ќе присуствува на воена парада, што го одбележува неговото деби на мултилатералната дипломатска сцена.
Возот за кој се верува дека го превезувал Ким пристигнал во близина на железничката станица во Пекинг околу 16 часот по локално време (10 часот по средноевропско време), објави јужнокорејската новинска агенција Јонхап.
Севернокорејскиот лидер го напушти главниот град Пјонгјанг во понеделник, патувајќи околу 1.300 километри, што обично трае помеѓу 20 и 24 часа.
Тој е придружуван од министерот за надворешни работи Чое Сон Хуи и други високи функционери, изјави Ким Чон Ил, директор на Одделот за печат и информации на севернокорејското Министерство за надворешни работи.
Ова е негово петто патување во Кина откако ја презеде власта во 2011 година.
Ким, заедно со рускиот претседател Владимир Путин, ќе биде меѓу државните лидери од 26 земји кои ќе присуствуваат на воена парада во кинеската престолнина во среда. Настанот ќе ја одбележи 80-годишнината од крајот на Втората светска војна, што Кина ја слави како победа над Јапонија.
Ова ќе биде прво учество на Ким на мултилатерален дипломатски настан откако ја презеде власта кон крајот на 2011 година.
Кинескиот претседател Кси Џинпинг ќе се обрати на парадата.
Дедото на Ким, Ким Ил-Сунг, основачот и првиот лидер на Северна Кореја, присуствуваше на слична воена парада во Пекинг во 1959 година.
Додека Ким ја преминуваше границата со Кина, разузнавачката агенција на Јужна Кореја тврдеше дека најмалку 2.000 севернокорејски војници загинале во војната во Украина, објави Јонхап њуз.
Тврдењето дојде откако Северна Кореја одржа две церемонии минатиот месец во чест на своите паднати војници во Украина.
Пјонгјанг испрати илјадници војници во Русија за да помогнат во борбата против Киев, кој ужива поддршка од западните земји.
Северна Кореја не даде точен број на жртви.
Ким Џонг Ун ги нарече „големи херои“ и објави дека улица во главниот град Пјонгјанг ќе го носи нивното име.
Северна Кореја и Русија потпишаа сеопфатно стратешко партнерство минатата година, ветувајќи меѓусебна воена поддршка доколку која било земја биде нападната од трета страна.
Пред патувањето на Ким во Пекинг, Министерството за надворешни работи на Северна Кореја во соопштение ги пофали односите со Кина.
Во него се вели дека Иницијативата за глобално управување (ЦГИ), предложена од кинескиот претседател Кси, „одразува посветеност на партнерство со сите нации во светот за изградба на праведен и рамноправен глобален поредок“.
Кси ја претстави својата четврта таква иницијатива за време на самитот на Шангајската организација за соработка во кинескиот град Тјанџин во понеделник.
„ЦГИ има големо позитивно значење во одбраната на целите и принципите на Повелбата на ОН во денешниот свет, каде што преовладуваат супремацијата и едностраните практики на САД и Западот, а трагичните настани се редат еден по друг“, рече Ким, директор за печат во Министерството за надворешни работи на Северна Кореја.
Пјонгјанг останува цврсто посветен на заштитата на глобалната правда, мир и безбедност и промовирање на изградбата на нов мултиполарен свет, додаде тој.
Тој истакна дека Северна Кореја и Кина „долго време се поддржуваат едни со други, делејќи заеднички став против доминацијата и потчинувањето, хегемонијата и самоволието“.
Соработката меѓу Пјонгјанг и Пекинг „за целите на застапување на глобалната правда и еднаквост ќе продолжи да расте“, заклучи Ким.