Поранешниот американски претседател Џозеф Бајден неодамна бил подложен на операција за отстранување на рак на кожата од челото, потврди неговиот портпарол за весникот „Хил“.
Како што е објавено, Бајден бил подложен на Мохс- хируршка техника, при што слоевите на кожата постепено се отстрануваат и се испитуваат под микроскоп сè додека повеќе не се гледаат траги од канцерогени клетки.
Во деновите по операцијата, на социјалните мрежи се појави видео на кое Бајден има видлива лузна на челото додека излегува од црква во Делавер.
Бајден претходно имал немеланомски рак на кожата, кој го отстранил пред неговото претседателствување.
За време на медицински преглед во 2023 година, додека сè уште бил на функција, од градите му била отстранета и канцерогена грутка.
Во мај 2025 година, Бајден објави дека му е дијагностициран агресивен рак на простата, кој се проширил на неговите коски. Оттогаш ретко се појавува во јавноста.
Бајден има 82 години, а неговото здравје долго време е предмет на политички шпекулации.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп и други републиканци, повеќепати тврдеа дека Бајден е неспособен сам да донесува одлуки, тврдење што неговиот тим жестоко го негираше.