Присуството на министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, заедно со мноштво европски лидери, на самитот претходно оваа година, кој првенствено имаше за цел координирање на одговорите на војната меѓу Русија и Украина, не беше само формалност.
Стратешката географија и дипломатското влијание на Туркије, демонстрирани преку нејзиното посредништво меѓу Русија и Украина, како и нејзиното долгогодишно членство во НАТО, нагласуваат зошто нејзиното учество на самитот во Лондон е симболично значајно за стратешката кохезија на Европа.
Овој самит имаше за цел да ѝ покаже на глобалната публика дека Европа е обединета и подготвена да се соочи со заканите што ги претставува Русија, пошироките промени во глобалната конкуренција на моќ и забрзаната меѓународна трка во вооружување.
Гледано во овој контекст, присуството на Фидан имплицираше растечко значење на Туркије што произлегува од нејзините одбранбени капацитети и експертиза.
На самитот стана јасно дека е потребно фундаментално преиспитување на европската одбрана, со оглед на итноста и сложеноста на денешната безбедносна средина, нагласена од украинската криза и присуството на клучни актери како Туркије.
Резултатот е координиран притисок за поголема автономија, отпорност и заедничко дејствување - олицетворено во иницијативата Повторно вооружување на Европа- РеАрм Европа (ReArm Europe) и нејзиното оперативно јадро, Регулативата САФЕ (SAFE) -Безбедносна акција за Европа. Овие мерки не се само одговор на непосредните закани, туку и план за нова ера во европската безбедносна политика.
Што претставуваат САФЕ и РеAрм Eвропа
Дискусијата околу РеAрм Eвропа и Произведено во Европа (Made in Europe) стана порелевантна по објавувањето на белата книга во март од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Историската зависност на Европската Унија од надворешни воени добавувачи, особено од Соединетите Американски Држави, значително ја ограничи нејзината стратешка автономија. Принципот Произведено во Европа директно се однесува на оваа ранливост.
Ова не е неодамнешен развој, но актуелните настани - конфликтот меѓу Русија и Украина, брзиот технолошки напредок во воената вештачка интелигенција и геополитичките промени - истакнаа дека стратешката автономија не е само корисна, туку итна и неопходна за Европа.
Обемот и итноста на РеАрм Европа од 800 милијарди евра, од кој САФЕ е клучна компонента, одразуваат политичко признание дека претходните безбедносни аранжмани повеќе не се соодветни за сегашните закани.
Традиционалното потпирање на ЕУ на НАТО, фрагментираната национална воена набавка и гломазните бирократски процеси се покажаа како недоволни во услови на непосредни безбедносни закани и брзо менувачки геополитички реалности.
Првиот голем чекор кон решавање на овие несоодветности беше Регулативата СAФE - еден од најконкретните чекори во рамките на пошироката стратегија.
СAФE има за цел да ја преведе стратешката автономија од реторика во реалност преку обезбедување финансиска помош на земјите од ЕУ за брзо решавање на критичните празнини во одбранбените капацитети.
Во суштина, тоа е финансиска алатка што им овозможува на европските земји - и членки на ЕУ и земји од ЕФТА (Европска асоцијација за слободна трговија) како Норвешка и Швајцарија - да пристапат до заеми од фонд од 150 милијарди евра овозможен од ЕУ.
Овој финансиски инструмент има за цел да ги зајакне заедничките набавки, индустриското зголемување и целокупната одбранбена подготвеност низ целата Унија.
Заедничката набавка ја стандардизира воена опрема низ земјите-членки, подобрувајќи ја интероперабилноста и можностите за брзо распоредување низ цела Европа.
Традиционално, строгите фискални регулативи на ЕУ ги ограничуваат инвестициите во одбраната и ги ограничуваат иновациите. СAФE ги заобиколува овие ограничувања, стимулирајќи ги европските одбранбени индустрии.
Понатаму, клаузулата им дава приоритет на фирмите со седиште во ЕУ со структура на акционери од најмалку 65-35 проценти. Прагот од 65-35 има за цел да зачува заедничка европска одбранбена структура со тоа што ќе обезбеди дека поголемиот дел од производствената вредност - а со тоа и критичните капацитети - ќе остане во рамките на ЕУ или во тесно поврзаните земји.
Ова осигурува дека чувствителните компоненти остануваат претежно под европска контрола. Исто така, функционира како заштита од зависности од актери од трети земји, а сепак дозволува ограничено надворешно учество. Повисоки нивоа на вклученост - над маргината од 35% - се можни само за трети земји кои се усогласуваат со упатствата на ЕУ и имаат воспоставено формално партнерство за безбедност и одбрана со блокот.
Дозволувањето на праг од 35 проценти за компоненти кои не се од ЕУ стратешки интегрира докажани надворешни технологии, како што е технологијата на беспилотни летала на Туркије, тестирана во воени дејствија, брзо подобрувајќи ги непосредните воени капацитети на Европа.
Стратешка автономија - политичка амбиција наспроти изводливост
Стратешката автономија треба да овозможи поголема контрола и да ја намали зависноста од САД и другите земји. Брзото темпо на развој на вештачката интелигенција од страна на глобалните конкуренти, особено Кина и САД, ја зголеми итноста на Европа да постигне стратешка автономија и да избегне заостанување.
Сепак, остануваат сомнежи дали потребата за автономија е доволно јасно артикулирана за земјите-членки на ЕУ, земајќи ги предвид дури и домашните разлики во одговорот на заканите како таа од Русија.
Внатрешно, земјите-членки на ЕУ остро се разликуваат во перцепцијата на заканите - Полска и балтичките земји нагласуваат итни одбранбени мерки против Русија, додека Унгарија одржува значително потопли дипломатски врски со Москва.
Потенцијалниот проблем е што реториката без опиплив и ефикасен развој би го поткопала кредибилитетот на Европа и би ги охрабрила противниците кои сакаат да ги искористат внатрешните поделби.
СAФE - можности и предизвици
СAФE ја претставува дилема на НАТО - ЕУ, историски непризнаена како воена сила и сметана за брат на НАТО, сега го надополнува НАТО со зајакнување на внатрешните воени капацитети на Европа, зголемување на влијанието на Европа во рамките на НАТО и обезбедување поголема стратешка автономија без нарушување на трансатлантското единство.
НАТО вклучува актери кои не се членки на ЕУ како САД, Велика Британија и Туркије, па затоа гледањето на одбраната на НАТО и ЕУ како целосно обединета може да биде нереално.
Непредвидливите политики на САД, особено за време на администрацијата на Трамп, ја забрзаа потребата на ЕУ за поголема воена автономија, што го прави стратешки клучно за Европа да зависи помалку од надворешни гаранции.
Надвор од дипломатската реторика, нерешените стратешки дивергенции - како што се пристапите кон Русија и Кина и поделбата на товарот во НАТО - ги нагласуваат потенцијалните идни тензии меѓу ЕУ и САД.
СAФE дури би можел да послужи како модел за „европски столб“ во рамките на НАТО, потенцијално влијаејќи врз динамиката на алијансата.
Велика Британија е во разговори со Брисел за вклучување во оваа финансиска „награда“, но скептицизмот предизвикан од Брегзит го комплицира пристапот на Велика Британија до финансиските инструменти на СAФE, принудувајќи ги Велика Британија и ЕУ на сложени компромиси во врска со усогласувањето на регулативата, пристапот до пазарот и заедничкото производство на одбраната.
Туркије, од друга страна, е веќе длабоко ангажирана во одбранбениот екосистем на Европа, кој смете дека нејзиното вклучување зависи од билатералните и мултилатералните рамки со Брисел.
Докажаните соработки на Туркије во одбранбената индустрија, како што е примерот со партнерството Леонардо-Бајкар, покажуваат значаен потенцијал за меѓусебно корисни заеднички потфати што би можеле брзо и ефикасно да ги подобрат воените капацитети на Европа.
Иако перспективите на Туркије и ЕУ може да се разликуваат по вредности и принципи, тековните преговори и заедничкото разбирање би можеле да овозможат приоритет на понепосредни, заеднички безбедносни проблеми.
Стратешката дипломатска флексибилност на Туркије - очигледна во нејзината посредничка улога во конфликтот меѓу Украина и Русија - го зајакнува геополитичкото позиционирање на Европа, правејќи ја Анкара уникатно вреден партнер за пошироката безбедносна стратегија на Европа.
Сепак, политичките несогласувања меѓу земјите-членки на ЕУ, различните перцепции за закани и инертната бирократија претставуваат сериозни ризици за ефикасното и навремено спроведување на проектите СAФE.
Бирократијата на ЕУ ја забавува распределбата на средствата, донесувањето одлуки и иновативните процеси, значително поткопувајќи ја способноста на Европа брзо да одговори на новите безбедносни предизвици.
Севкупно, СAФE е голем и конкретен чекор што носи јасност во непредвидливиот и брзо менувачки свет. Во вакви турбулентни времиња, неподготвеноста не е опција.
Одржувањето на кохезијата и реализацијата на визијата Произведено во Европа бара практично единство - градење одбранбена инфраструктура што е неопходна за земјите-членки.
Со воспоставување робусна и ефикасна европска одбранбена архитектура, СAФE го намалува поттикот за политичка фрагментација или земјите-членки да се свртат кон геополитички противници.
За Туркије, регулативата ги опишува и можностите и пречките за вклучување. Учеството во проектите СAФE станува можно ако Анкара и Брисел можат да се сретнат на иста страна.
Колку и да се сложени врските, нема сомнение дека односот ЕУ-Туркије е уникатен и меѓусебно неопходен.
Со прагматичен ангажман и политики обликувани од емпатија и реализам, двете страни би можеле да овозможат постабилна и поефикасна целокупна безбедносна стратегија.
Микаил Јашар Гунај
Микаил Јашар Гунај е истражувач со седиште во Германија чија работа се фокусира на меѓународната безбедност, дипломатијата и надворешната политика на ЕУ. X: @mikail_gny
Извор: ТРТ Ворлд