Медијатори од Египет и Катар работат на нов рамковен предлог што би вклучувал истовремено ослободување на сите израелски заложници, живи и мртви, во замена за прекин на војната во Газа и повлекување на израелските сили од енклавата, изјавија за агенцијата АП двајца неименувани арапски претставници.
Израелскиот кабинет за безбедност доцна синоќа одобри план за заземање на градот Газа, проширувајќи ги воените операции, и покрај растечките критики дома и во странство за разорната војна што трае речиси две години, објави Ројтерс.
Во меѓувреме, медијаторите повторно се обидуваат да ја прекинат војната во Газа, а таквите напори имаат поддршка од монархиите од регионот на Арапскиот Залив, кои стравуваат од понатамошна дестабилизација на регионот ако Израел продолжи со плановите за окупирање на цела Газа, според официјални лица цитирани од АП.
Новиот предлог на медијаторите, чии детали сè уште не се финализирани, се занимава и со прашањето што да се прави со оружјето на Хамас, бидејќи Израел бара движењето целосно да се разоружа, додека милитантите одбиваат да го сторат тоа.
Еден од официјалните лица изјави дека се во тек преговори за „замрзнување на оружјето“, што би му овозможило на Хамас да го задржи оружјето, но да не го користи.
Новиот предлог, исто така, го повикува Хамас да се откаже од власта во Појасот Газа.
Газа би била управувана од палестинско-арапски комитет кој би ја надгледувал реконструкцијата до воспоставувањето палестинска администрација со нова полиција, која би била обучена од двата сојузници на САД на Блискиот Исток, додаде официјалниот претставник.
Како што објави „Тајмс оф Израел“, сè уште не е јасно каква улога би играла Палестинската власт поддржана од Западот.
Друг функционер изјави дека американската администрација била информирана за овој предлог од арапските посредници.
Висок функционер на Хамас, кој не сакаше да биде именуван, рече дека раководството на движењето било запознаено со напорите на арапските посредници, но сè уште не добило детали.